Одлуката на ОЈО ГОКК за полицајците влезе и во судскиот процес за „Пулс“

Адвокатот Петре Шилегов на денешното рочиште побара судот да постапува исто како и обвинителството за организиран криминал, кое ја запре постапката за седум полицајци.

На денешното рочиште на судскиот процес за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани адвокатот Петре Шилегов, кој е бранител на поранешниот советник во Министервото за економија, Шофкет Хазари, рече дека треба и судот да постапува слично како и ОЈО ГОКК кое ја запре постапката за седум полициски службеници.

Шилегов рече дека делата за кои е запрена постапката против седумтемина полициски службеници се поклопуваат со оние за кои се гонат дел од обвинетите за пожарот против кои во тек е судска постапка, пишува „360 степени“. Па нагласи дека јавното обвинителство што го застапува обвинението треба да ги преиспита наводите во него. Според Шилегов, образложението на ОЈО ГОКК и наводите во обвинението за пожарот се контрадикторни.

Како што соопштија од ОЈО ГОКК седумте полициски службеници биле надлежни да вршат проверки во делот на исполнување на условите за заштита на јавниот ред и мир и безбедноста во сообраќајот, но не и проверки поврзани со услови за противпожарна заштита и минимално-технички услови за вршење угостителска дејност кои не спаѓаат во нивна надлежност и затоа нивните нивните дејствија не можат да се доведат во директна причинско-последична врска со настанувањето на пожарот критичната вечер.

Шилегов на тоа ја темелеше својата интервенција во судот.

„Го замолувам Јавното обвинителство да го преиспита своето мислење и став. Ако за полицајците не може да биде поведена постапка за загрозување на општата сигурност тогаш Обвинителството треба да каже за кои лица овде обвинетите може да им се стави на товар ова дело. Мислам дека е поцелисходно Обвинителството да утврди за кои лица може да се води постапка. Еден ден судење државата ја чини 150 000 евра што укажува на неекономичност на судењето“, рече Шилегов.

На неговиот предлог се приклучија и бранителите на другите обвинети.

Подоцна, во изјава за медиумите Шилегов кажа дека за иста крвично-правна квалификација за едни лица се запира постапката, додека за други таа продолжува.

Судијката Диана Груевска-Илиевска, која претседава со петчлениот судечки совет, рече дека и Судот со голем интерес го следел брифитнгот ја побарал одлуката од ОЈО ГОКК за да се запознае со неа.

„Додека Судот не ја добие одлуката ние продолжуваме со постапката. Засега не можеме да знаеме дали наводите се поклопуваат со она што е дел од оваа постапка“, рече таа.

Јавниот обвинител Борче Јованов рече дека до овој момент тие ги немаат обвиненијата на ОЈО ГОКК, но напомена дека во конкретната постапка не се опфатени полициски службеници.

ОЈО ГОКК во петокот поднесе три обвиненија против полициски службеници. Во трите обвиненија се опфатени вкупно 25 полициски службеници од кои дел се началници во кочанска и штипската полиција. Дел се гонат за тешки дела против општата сигурност, а дел за злоупотреба на службената положба и овластување.