
Вкупно 14 европратеници потврдиле дека остваруваат дополнителен приход покрај пратеничката плата, но не ја посочиле висината на оваа заработка, наведува „Транспаренси Интернешнл“ (ТИ).
Според Кодексот на однесување на Европскиот парламент, европратениците се должни да ги пријават сите приходи што ги заработуваат надвор од ЕП, доколку таа сума е над 5.000 евра годишно.
– Ако платена активност преземена заедно со вршењето на функцијата член (на ЕП) генерира приход, членовите треба да го наведат за секоја посебна ставка соодветниот износ на тој приход и, каде што е релевантно, неговата периодичност, се вели во Кодексот.
Меѓутоа, според „Транспаренси Интернешнл“, 14 европратеници на ЕУ не ја почитувале оваа одредба од Кодексот и во Изјавата на приходи не ја навеле висината на дополнителниот приход што ја заработуваат.
ТИ во својата објава ги наведува и имињата на овие европратеници.
– Без соодветно следење на изјавите на европратениците и санкционирање за прекршувања на Кодексот на однесување, граѓаните на ЕУ се оставени да се потпираат само на ветувањата на европратениците. Резултатите од ова зборуваат сами за себе, изјави Рафаел Кергуено од ТИ.
На листата на посочени „прикривачи на приходите“ е и шпанскиот европратеник Алвизе Перез од редовите на екстремно десничарската партија Забавата заврши (САЛФ), кој во Европарламентот е познат како жесток заговорник на борбата против корупцијата. Пред да биде избран за европратеник во јуни 2024 година, Перез од дополнителни работни ангажмани заработувал и по 20.000 евра месечно, но во Изјавата за приходи за таа година тој навел дека „точниот генериран приход ќе го ажурира на крајот од секоја година“.
Својот дополнителен приход не го пријавил ниту италијанскиот европратеник Марио Мантовани од десничарската партија Браќата на Италија (ФДИ), кој во 2024 година извршил три консултантски услуги. Според ТИ, тој ветил дека ќе ги пријави сумите до крајот на 2024 година, но сè уште не го сторил тоа. ТИ посочува дека од неговите претходни изјави се гледа дека за вакви услуги Мантовани годишно заработувал шестцифрени суми.
Износот на своите дополнителни приходи не го пријавиле ниту италијанскиот европратеник Доменико Лучано од левичарската Зелена и лева алијанса (АВС), кој работел за компанија за филмска продукција, словенечкиот зелен европратеник Владимир Пребилич од партијата Преродба, кој бил ангажиран како предавач во Љубљана, финската европратеничка Катри Кулмуни од либералната Партија на центарот (КЕСК), кој имала платени ангажмани на локално ниво и како член на Одбор на една христијанска фондација, и нејзиниот сонародник Пека Товери од конзервативната Партија на националната коалиција (КОК), кој навел дека е извршен директор на компанија во негова сопственост.
Полскиот европратеник Михал Ваврикевич од десноцентристичката Граѓанска коалиција (ГО), кој пред да биде избран за европратеник работел како адвокат со клиенти во секторите за малопродажба, недвижности, телекомуникации и железница, во реакција на објавата на ТИ изјави дека не сметал оти треба да ги пријави овие приходи во Европскиот парламент, бидејќи веќе го сторил тоа во полскиот Сејм.
– Неколку пати се распрашав за ова со мојата асистентка, но и покрај нејзиното големо искуство во ЕП, таа не беше свесна дека треба да поднесам Изјава и до Европскиот парламент. Во никој случај не е намерно, наведе Ваврикевич во реакцијата.
На објавата на ТИ реагираше и чешката европратеничка Јана Наѓова од десничарската партија АНО, која соопшти дека имала дополнителен приход од околу 150 евра месечно како членка на локален парламент и приближно 300 евра месечно од членство во регионален парламент, кој надомест престанала да го добива во јануари минатата година.
Германската европратеничка Сибил Берг од левичарската сатирична Партија на трудот, владеењето на правото, заштитата на животните, промоцијата на елитите и иницијативата за базична демократија (ПАРТИЕ), која пред да биде избрана во ЕП работела како писателка и драматург, реагираше преку шефот на нејзината канцеларија Дастин Хофман, кој приложи документ дека таа заработува 120.000 евра годишно надвор од нејзината работа како парламентарка.
– Ние ја цениме транспарентноста и веруваме дека обврските за објавување на приходите е во интерес на јавната контрола, наведе Хофман.
Со реакција се огласи и австриската европратеничка Лена Шилинг од партијата Зелени – Зелена Алтернатива (ГРУНЕ), која наведе дека во 2024 година објавила книга од која остварила дополнителен приход „под 5.000 евра“, па затоа не го навела во Изјавата.
Приходи од објавување книги остварил и шпанскиот европратеник Естебан Гонзалез Понс од конзервативната Народна партија (ПП), кој изјави дека „нема да биде во можност да ја потврди заработката од авторски права до мај“.
Францускиот европратеник Франсоа Калфон од Социјалистичката партија (ПС) во Изјавата на приходи навел дека во 2024 година остварил заработка од „дивиденди чија висина сè уште не е дефинирана“. Во реакцијата на објавата на ТИ, Калфон наведе дека „не добил никаква награда или приход од некаква професионална активност“ и дека ги презема „сите потребни чекори“ за да обезбеди „целосно почитување“ на правилата на Парламентот за транспарентност.
Естонски европратеник Рихо Терас од демохристијанската партија Татковина (Исама) ги отфрли наводите на ТИ како неточни, посочувајќи дека ги пријавил „сите приходи“, а европратеничката Елизабет Гросман од Социјалдемократската партија на Австрија (СПО) изјави дека дошло до грешка поради „неажурирање“ на податоците, односно дека откако била избрана во ЕП во 2024 година престанала да работи како предавач во Виена.