По 26 години завршен постмониторинг дијалогот на Советот на Европа со Македонија
Во текот на јануарската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа беше изгласана резолуција за затворање на постмониторинг-дијалогот со Република Северна Македонија. Текстот на резолуцијата во име на мониторинг-комисијата беше изготвен од известителите Сибел Арслан од Швајцарија, од политичката група на социјалистите, и Џозеф О’Рајли од Ирска, од Европската народна партија.

Како што информираат од собраниската прес-служба, во текстот се наведува дека Парламентарното собрание го признава одржливиот напредок на Северна Македонија во демократијата, владеењето на правото, заштитата на човековите права и соработката со телата на Советот на Европа и ја признава политичката посветеност на властите за исполнување на обврските преземени при отворањето на постмониторинг-дијалогот во 2000 година. Врз основа на ова Собранието одлучи да го затвори постмониторинг-дијалогот со Северна Македонија и да продолжи да ги следи случувањата преку својот механизам за редовен периодичен преглед.
Значењето на мониторинг-процесот, како што се наведува во соопштението, е нагласен и во односите меѓу Советот на Европа и Европската Унија, односно постои координиран пристап во мониторинг-механизмите, како во Советот на Европа, односно Парламентарното собрание и неговите комисии, Комитетот на министри, Конгресот на локалните и регионални власти, Венециската комисија, така и со ЕУ и другите меѓународни организации. Постои блиска соработка, консултација и координација на активностите во рамките на проширувањето на ЕУ и поради тоа исполнувањето на обврските и заложбите кон Советот на Европа се сметаат за битен елемент за унапредување, забрзување и остварување на аспирациите за натамошно евроинтегрирање на одредена држава.
Во дебатата за оваа точка учествуваа сите членови на делегацијата на Собранието, Иванка Василевска, заменик-шеф, и членовите Беким Ќоку и Бисера Костадиновска-Стојчевска.