(ВИДЕО) Проф. Јовевски: Проблемот не е минималната плата, туку како да растат примањата на 80% од вработените

➡Секое барање на работниците треба да се земе предвид. Секое нивно барање сериозно треба да се разгледа и ако се ставиме во нивните чевли. ➡Ако го разгледуваме македонскиот контекст, што е тоа што во Македонија денес може да биде реално, според мене овие барања коишто сега беа изложени се под знак прашалник. ➡Секогаш кога Владата на Македонија со административна мерка ги зголемуваше платите, имаме вртоглаво зголемување на инфлацијата. ➡Запирката кај минималната плата е што во Македонија, минимална плата земаат, според последните информации, околу 22.000 луѓе. Тоа ви е помалку од 4% од вкупниот број вработени во државата. ➡Вистинската тема не е растот на минималната плата, туку растот на останатите плати коишто опфаќаат 80% од платите во Македонија, а се движат од 26-27.000 до 70.000 денари. Значи од 27.000 до 70.000 денари земаат 80% од вработените во Македонија. И околу 10% земаат над 70.000 денари. Суштинското прашање за мене е како да успееме ние да ги зголемуваме платите на 80% работници кои се движат од 27.000 до 70.000 денари, вели Јовевски.

„Секое барање на работниците треба да се земе предвид. Секое нивно барање сериозно треба да се разгледа и ако се ставиме во нивните чевли, секое нивно барање е оправдано, затоа што станува збор за права коишто се однесуваат на повисок стандард, на подобра живеачка, на достоинствена работа и тн. Меѓутоа дел од правата кога се бараат, особено од аспект кога зборуваме за социјален дијалог или за колективни преговори, колективно преговарање, многу често се зема предвид една премиса, а тоа е што е реално, што е можно да се оствари во дадениот момент соодветно на самите услови на пазарот на труд, самата економија и другата преговарачка страна.

-Ако го разгледуваме македонскиот контекст, што е тоа што во Македонија денес може да биде реално, според мене овие барања коишто сега беа изложени се под знак прашалник. Имавме една хронологија на барања, коишто се легитимни, но дали можат и како се применливи во реалноста денес. Имавме барање од 450 евра зголемување на минимална плата којашто еволуираше во 500 евра, за да сега веќе се поставува на дневен ред прашањето за 600 евра минимална плата. Поентата ми е дека ако ја гледате таа хронологија на барањата за минимална плата ќе дојдете до една констатација дека на почетокот, во 2024-та беше 450 евра, за да по изборите биде 500 евра, за од пред неколку месеци се стави на дневен ред 600 евра. Дали за толку многу се зголеми живејачката, статистиката треба да покаже. Меѓутоа, зголемувањето на минималната плата има една, би рекол запирка која е многу важна и којашто треба да ја разбере македонскиот работник, но генерално и македонскиот граѓанин. Суштинското барање според мене, не е во тоа да се зголеми минималната плата, туку да имаме реален раст на сите останати плати. Ако повторно гледате хронолошки, во последните неколку месеци наназад, барањето за зголемување на минималната плата се дополни од страна на еден од синдикатите и со раст на сите останати плати. Претходно такво барање не постоеше, односно 2024, 2025-та се говореше за минимална плата и раст на минимална плата како главно барање на еден од синдикатите“, вели за „Трилинг“ д-р Лазар Јовевски, професор по трудово право, околу тоа дали се издржани барањата на работниците за зголемување на минималната плата на 600 евра.

Фото: Трилинг / Лазар Јовевски

Прашан дали доколку се постигне евентуален договор за зголемување на минималната плата тоа би придонело и за зголемување на инфлацијата Јовевски вели дека во овој дел статистиката е неумолива и секогаш кога Владата на Македонија со административна мерка ги зголемуваше платите, имаме вртоглаво зголемување на инфлацијата.

„Токму овој период до сега е стабилизирање на таа инфлација од 2022-2023 која што за жал влезе на голема врата во Македонија. Конечно, од тоа што јас го читам, инфлацијата е стабилизирана. И сега ако ја земете инфлацијата од 4% којашто се прогнозира за 2025 година и ако го земете просечниот раст на платите во 2025 година, тој изнесува веќе 9,5%. 9,5% минус 4% инфлација, имаме просечен раст на плати во Македонија некаде околу 5 – 5,5%, вели Јовевски.

„Запирката кај минималната плата е што во Македонија, минимална плата земаат, според последните информации, околу 22.000 луѓе. Тоа ви е помалку од 4% од вкупниот број вработени во државата. Оттаму, ако анализираме, недвосмислен е заклучокот дека сепак статистички тоа не е голема група на граѓани. Каде проблемот или вистинското прашање, вистинската тема? Вистинската тема не е растот на минималната плата, туку растот на останатите плати коишто опфаќаат 80% од платите во Македонија, а се движат од 26-27.000 до 70.000 денари. Значи од 27.000 до 70.000 денари земаат 80% од вработените во Македонија. И околу 10% земаат над 70.000 денари. Суштинското прашање за мене е како да успееме ние да ги зголемуваме платите на 80% работници кои се движат од 27.000 до 70.000 денари“, смета Јовевски.

Фото: Трилинг / Лазар Јовевски

Говорејќи за тоа дали постои можност како модел во кој сите би биле задоволни државата да излезе во пресрет од типот да ги субвенционира придонесите, Јовевски вели за тоа да се реализира државата треба да обезбеди финансиски средства.

„Министерството за финансии треба да каже дали согласно буџетската рамка може или не може да се обезбедат тие средства. Дали државата може да го направи тоа сега е под голем знак на прашање, затоа што финансиски државата е истоштена од претходните години. Не се работело како што треба, се правеле финансиски дубиози на различни начини, во различни институции, по различни основи и сега доаѓаме до ситуација дека можеби ќе може да се финансира, но ако земеме нов заем, ново задолжување“, вели Јовевски.

Фото: Трилинг / Лазар Јовевски

Прашан дали би било добра мерка замрзнувањето на платите на функционерите, професорот смета дека е мудро да се види, да се размисли оваа година платите на функционерите да се стават во мирување.

„Но треба да се знае дека во 2026 година платите во Македонија ќе растат по различни основи, пред се преку минималната плата. Тој тип на раст на минималната плата ќе имплицира раст во голем број на потсектори во јавниот сектор.

-Аспектот на минималната плата во Македонија ќе има вистинско значење, ако како пред повеќе години во делот на минималната плата влегуваа околу 120.000 вработени, сега се сведени на нешто околу 20.000 вработени“, вели Јовевски.

Целото интервју погледнете го во видеото.