(ВИДЕО) Љутков тврди: Синдикатот на ФБ објавува шпекулации, а во кабинет признава грешки
➡Многу добро знаат моите колеги дека совршено добро познавам каква е состојбата внатре. Веројатно заради тоа сум еден од најнапаѓаните министри за култура - затоа што совршено добро ја познавам состојбата во институциите. ➡Не можеме на Фејсбук постови да реагираме. Некој си седнува и на секои два-три дена си пишува некаков пост. Како може јас да не ги почитувам законите? Зарем некој ќе помисли дека министерот за култура, којшто доаѓа од фелата, којшто доаѓа од Драмски театар, којшто одлично ги познава состојбите ќе оди против своите колеги? И тоа постојано го зборувам на моите колеги, затоа што тоа што се случува сега во СКРМ, тоа не е фер бидејќи тоа не е точно. Тоа се шпекулации. ➡Имаме одлични плати во култура. Навистина мислам дека се одлични платите во културата. Можеби треба да бидат уште подобри, треба да го отвориме колективниот договор, треба да ги поправиме работите внатре. ➡ Никогаш, буквално никогаш не сакам некој да помисли дека Зоран Љутков, сегашниот министер за култура и туризам, актер, ќе застане против своите колеги, смета Љутков.
„Многу добро знаат моите колеги дека совршено добро познавам каква е состојбата внатре. Веројатно заради тоа сум еден од најнапаѓаните министри за култура – затоа што совршено добро ја познавам состојбата во институциите. И кога почнувате да правите реформи, кога почнувате да ги подобрувате работите, тогаш веројатно се појавува проблемот кај неработниците“, изјави во „Трилинг“ министерот за култура и туризам Зоран Љутков, говорејќи за се почестите критики од колегите.
Околу обвинувањата од Синдикатот на културата за системско непочитување на колективните договори, намалување на платите на културните работници за 3%, до целосно игнорирање на законските обврски од страна на Министерството за култура, Љутков вели дека голем дел од членовите на СКРМ не се сложуваат со овие ставови.
„Не можеме на Фејсбук постови да реагираме. Некој си седнува и на секои два-три дена си пишува некаков пост. Како може јас да не ги почитувам законите? Зарем некој ќе помисли дека министерот за култура, којшто доаѓа од фелата, којшто доаѓа од Драмски театар, којшто одлично ги познава состојбите ќе оди против своите колеги? И тоа постојано го зборувам на моите колеги, затоа што тоа што се случува сега во СКРМ, тоа не е фер бидејќи тоа не е точно. Тоа се шпекулации. И бидејќи многу често ги повикувам на состаноци, доаѓале и никогаш не сакале да разговараат на оваа тема – да ги подобриме условите. Никогаш. Морам да објаснам, во ниту еден момент како министер за култура и како човек и како актер не сум застанал против колективниот договор за култура. Напротив, мислам дека е еден од најдобрите колективни договори во Македонија“, вели Љутков.

Осврнувајќи се на протестот на ССМ каде членови на Синдикатот за култура се придружија, Љутков вели дека не знае зошто они би протестирале.
„Не ни видов кој бил, но не ни знам зошто би протестирале. За повисоки плати? Ниски се платите? Имаме одлични плати во култура. Навистина мислам дека се одлични платите во културата. Можеби треба да бидат уште подобри, треба да го отвориме колективниот договор, треба да ги поправиме работите внатре. Поминати се три години од кога колективниот договор е истечен. Треба да потпишеме нов колективен договор. Треба да разговараме за подобрување на условите, но од другата страна нема одговор на таа тема“, вели Љутков.
Околу 800-те тужби и што доколку половина од тие бидат во корист на Синдикатот, односно дали се има предвид какви финансиски импликации ќе има врз буџетот, Љутков вели дека е потребно да се остави да заврши процесот.
„До сега има некаде околу 15-16 за кои Основниот суд иа донесено пресуди, но тие се дадени на Апелација, направени се без вештачење и се донесени адхок. Еве сега Апелација го тврди спротивното. Да оставиме да заврши процесот. Да не прејудицираме. Јас не прејудицирам ништо. Сум ја направил правилната пресметка во консултација со сите релевантни институции. Сме донеле како треба да изгледа пресметката на плата. На никого не му е намалена платата. И никогаш не сум направил нешто спротивно на колективниот договор што го имаме во култура. Овој проблем се влече од 2023-та година, којшто е од општиот колективен договор, Да оставиме судот да каже кој манипулира. Јас ќе кажам кој е мојот став – никогаш, буквално никогаш не сакам некој да помисли дека Зоран Љутков, сегашниот министер за култура и туризам, актер, ќе застане против своите колеги. Напротив, го најдовме решението и никогаш повеќе нема да има проблем со платата. Но Синдикатот тоа што го прави е сосема нешто поинаку. Инаку и тие лично кај мене во кабинет имаат признаено дека во 2023-та година е направена сериозна грешка со пресметувањето на платите, но бидејќи тогаш не се намалиле платите не реагирале, а сега знаат дека ова е правилното, но бидејќи се намалиле тужат“, вели Љутков.

Прашан дали се сомнева дека сето ова има политичка позадина, министерот одговара потврдно.
Говорејќи за последниот ревизорски извештај во делот за туризмот каде се нагласува дека има урбанистичко дивеење и зошто е дозволено во заштитени подрачја во Охрид да се градат згради, Љутков вели дека е потребно да се разграничат работите, што е централна власт, а што е локална самоуправа.
„Кај нас има закони за заштита. Управата за заштита на културно наследство кога ќе увиди дека бесправно се гради некаков објект или се нарушува неговата статика, или се нарушува неговиот изглед таму каде што е заштитено, веднаш постапува. Што се однесува до нашето министерство се е завршено“, вели Љутков.
Прашан дали Преспанскиот договор е добро решение, Љутков вели дека не може нешто да биде добро доколку ви е сменето името на земјата.
„Не може да биде нешто добро ако некој постојано бара да правите некакви отстапки. Не може да биде добро ако постојано правите компромиси. Мора заеднички да застанеме и да кажеме овака веќе не може“, смета Љутков.
Целото интервју погледнете го во видеото.