Рокас: Неопходно е обединување во државата за надминување на пречките за влез во ЕУ

Вратата на Европската Унија е отворена ширум. Има целосна поддршка за Северна Македонија да влезе во ЕУ и сметам дека во овој момент е неопходно земјата да се обедини – Владата, опозицијата, Собранието, граѓанското општество, бизнисите и младите да бидат прагматични да ги забрзаат реформите, порача денеска евроамбасадорот во земјата, Михаил Рокас.

Вратата на Европската Унија е отворена ширум. Има целосна поддршка за Северна Македонија да влезе во ЕУ и сметам дека во овој момент е неопходно земјата да се обедини – Владата, опозицијата, Собранието, граѓанското општество, бизнисите и младите да бидат прагматични да ги забрзаат реформите, порача денеска евроамбасадорот во земјата, Михаил Рокас.

Тој на промоцијата на двата истражувачки труда, „Анализа на јавното мислење за пристапување на Северна Македонија во Европската Унија (2014 – 2025) и „Нови глобални неизвесности, стари европски обврски: Јавното мислење за пристапување во ЕУ во 2025“ во Собранието, изрази убедување дека иако анкетата покажала дека граѓаните сметаат оти надворешниот фактор е пречка за влез во Унијата, доколку се случи внатрешно обединување, ќе се надминат другите пречки.

– Ви гарантирам дека ако ова се случи, без оглед на тоа што граѓаните мислат дека има проблеми, пречките кон пристапувањето ќе се надминат. Не само дека треба веднаш да се постапи и не е само шанса што треба да се искористи, туку такво е и времето. Оваа и минатата година не можеме да ги споредиме со ситуациите пред пет-шест или четири години – рече Рокас нагласувајќи дека сега е прашање како да градиме партнерство, доверба и кому да му веруваме.

Изрази задоволство што, според анализата, ЕУ е партнерот со најголема доверба.

– Се надевам со трудот што заеднички ќе го вложиме оваа година ќе имаме уште подобри резултати следната, не само во анкетата туку и од прагматичен аспект во поглед на движењето на земјата кон ЕУ – рече Рокас.

Споредувајќи го истражувањето со она од минатата година, нагласи дека резултатите даваат голем поттик, односно процентот на населението што е „за“ пристапување во Унијата се зголемил за 10 проценти, односно од 61 на 71 отсто.

– Поголема е поддршката од младите. Многу е важно што и младите ја поддржуваат, односно младите покажуваат дека тоа е иднината. Ветер во градите е што разните етникуми или учеството од политичките партии се стеснува, има помал јаз. Сите се „за“ ЕУ. Забележуваме дека граѓаните ги одразуваат и приоритетите на планот за раст на ЕУ и агендата за реформи, поточно заштитата на животната средина, но и реформите на судството и борбата против корупцијата – истакна Рокас.