Зеленски повторно повика Украина да стане членка на ЕУ до 2027 година

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска повторно ја истакна својата цел Украина да стане членка на Европската Унија до 2027 година, и покрај скепсата на дел од владите на земјите членки на ЕУ во однос на толку забрзана временска рамка.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска повторно ја истакна својата цел Украина да стане членка на Европската Унија до 2027 година, и покрај скепсата на дел од владите на земјите членки на ЕУ во однос на толку забрзана временска рамка.

„Пристапувањето на Украина во Европската Унија е една од клучните безбедносни гаранции, не само за нас, туку и за цела Европа“, напиша Зеленски на Телеграм.

„Колективната сила на Европа е можна, меѓу другото, благодарение на безбедносниот, технолошкиот и економскиот придонес на Украина“, додаде тој.

Зеленски ја објави пораката по телефонскиот разговор со австрискиот канцелар Кристијан Штокер, одржан денеска.

Украина е официјален кандидат за членство во ЕУ од 2022 година, а пристапните преговори веќе формално започнаа.

Украинскиот претседател призна дека во моментов нема изгледи за забрзана постапка и дека процесите на проширување на ЕУ традиционално траат долго, но нагласи дека Киев и понатаму смета на поддршката од партнерите.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц претходно изјави дека може да поминат уште неколку години пред Украина да биде примена во Унијата.

Зеленски неодамна посочи дека безбедносните гаранции од САД веќе се договорени, но нивното стапување во сила ќе зависи од завршувањето на војната. Русија, пак, бара територијални отстапки од Украина, на што Киев не е подготвен да се согласи.

Украина и Русија за време на викендот одржаа директни разговори во Абу Даби, со посредство на САД, а продолжение на преговорите е најавено за недела.

Фајненшл тајмс денеска објави дека Вашингтон врши притисок врз Киев да постигне договор со Москва врз основа на територијални отстапки во источниот дел на земјата.