
ФТ: Украина ќе ги добие американските безбедносни гаранции доколку им го предаде Донбас на Русите
Администрацијата на американскиот претседател, Доналд Трамп, ѝ сигнализираше на Украина дека американските безбедносни гаранции зависат од тоа дали Киев ќе се согласи на мировен договор што веројатно ќе бара од неа да го отстапи регионот Донбас на Русија, објави денеска „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на осум лица запознаени со преговорите.
Администрацијата на американскиот претседател, Доналд Трамп, ѝ сигнализираше на Украина дека американските безбедносни гаранции зависат од тоа дали Киев ќе се согласи на мировен договор што веројатно ќе бара од неа да го отстапи регионот Донбас на Русија, објави денеска „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на осум лица запознаени со преговорите.
Вашингтон, исто така, посочи дека би можел да ѝ понуди на Украина повеќе оружје за да ја зајакне својата мирновременска војска доколку Киев се согласи да ги повлече силите од деловите од источниот регион што го контролира, објави весникот.
Ројтерс сè уште не можеше да го потврди извештајот, а Белата куќа не одговори на барањето за коментар.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во неделата изјави дека американскиот документ за безбедносни гаранции за Украина е „100 проценти подготвен“ и дека Киев сега чека време и место за негово потпишување.
Зеленски редовно тврди дека во секој евентуален мировен договор со кој ќе се стави крај на војната, територијалниот интегритет на Украина мора да се зачува.
Украина е сè понесигурна дали Вашингтон ќе се обврзе на безбедносни гаранции, изјави за Фајненшл тајмс висок украински функционер, велејќи дека САД „стојат во место секој пат кога безбедносните гаранции се подготвени да бидат потпишани“.
Киев сака гаранциите да бидат потврдени пред да отстапи која било територија. Меѓутоа, САД веруваат дека Украина мора да се откаже од Донбас за да се стави крај на војната, а Трамп дури и не врши притисок врз рускиот претседател Владимир Путин да се откаже од тоа барање, се додава во извештајот.
„Тоа е целосно неточно – единствената улога на САД во мировниот процес е да ги зближи двете страни за да постигнат договор“, изјави за „Фајненшл тајмс“ Ана Кели, заменик-портпаролка на Белата куќа.
Извор запознаен со ставот на САД изјави за весникот дека Вашингтон „не се обидува да наметне никакви територијални отстапки на Украина“, додавајќи дека безбедносните гаранции зависат од тоа дали двете страни се согласуваат на мировен договор.
Кремљ вчера соопшти дека прашањето за териториите останува фундаментално за секој договор за прекин на борбите во Украина, објави агенцијата ТАСС по трилатералните разговори во Абу Даби минатиот викенд.