
Руте: НАТО нема да дозволи безбедносен вакуум на Западниот Балкан и ќе ја засили колективната одбрана, вклучително и на Арктикот
– Во постојан контакт сум со тричленото Претседателство на БиХ, додека кога станува збор за Косово, КФОР таму има клучна улога. Во врска со Србија, јас имам свои односи со претседателот Александар Вучиќ со кого се знам со години, но исто така очекуваме од него да пристапи со одговорност за два настани што се случија пред неколку години, а за кои тој вети целосна одговорност – рече Руте.
НАТО внимателно ја следи безбедносната ситуација на Западниот Балкан, бидејќи не може да дозволи да се појави безбедносен вакуум во регионот, па од тие причини е во постојан контакт со властите во Босна и Херцеговина, Косово и Србија, изјави генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте во размената на мислење за најновите случувања во трансатлантската безбедност и одбрана со членовите комитетите за надворешни работи (АФЕТ) и за безбедност и одбрана (СЕДЕ) на Европскиот парламент.
– Во постојан контакт сум со тричленото Претседателство на БиХ, додека кога станува збор за Косово, КФОР таму има клучна улога. Во врска со Србија, јас имам свои односи со претседателот Александар Вучиќ со кого се знам со години, но исто така очекуваме од него да пристапи со одговорност за два настани што се случија пред неколку години, а за кои тој вети целосна одговорност – рече Руте.
Одговарајќи на прашањата на европратениците околу Гренланд и што тоа е договорено со американскиот претседател Доналд Трамп, Руте истакна дека е договорено НАТО колективно да преземе поголема одговорност за одбраната на Арктикот.
– Како што знаете, има седум земји од НАТО во Арктикот, САД преку Алјаска, секако Канада, Данска преку Гренланд, а потоа ги имаме Исланд, Норвешка, Финска и Шведска. Осмата е Русија, која очигледно не е во НАТО. Па наша задача ќе биде да се види како најдобро колективно можеме да ги спречиме Русите и Кинезите во воена и економска смисла да пристапат до Арктичкиот регион – рече Руте.
Тој посочи дека во време кога се приближуваме кон четвртата трагична годишнина од почетокот на руската агресија врз Украина, земјата се соочува со најсуровата зима во повеќе од една деценија и со секојдневни напади врз цивилната инфраструктура и невините цивили.
– Русите навистина жестоко ја напаѓаат цивилната инфраструктура, оставајќи ги Украинците да смрзнуваат буквално без греење, без светлина без вода – рече Руте.
Тој нагласи дека САД прават напори за мировните преговори и ставање крај на војната, а Коалицијата на подготвените, предводена од Велика Британија и Франција, работи на обезбедување робусни безбедносни гаранции за Украина.
Според него, овие безбедносни гаранции се од особена важност бидејќи треба да осигураат дека по постигнувањето мировен договор или долгорочен прекин на огнот, рускиот претседател Владимир Путин нема повторно да ја нападне Украина.
Безбедносни гаранции се посебно важни, како што рече, имајќи пред вид дека „различни држави“ во моментов го блокираат патпт на Украина во НАТО и на краток рок членството практично сега не е во игра.
Кога станува збор за „многу чувствителното територијално прашање“, според Руте, само украинската Влада е таа што може да решава за територијата. – На украинската Влада е да се согласи што може да прифати во однос на компромис за територијата, рече Руте.
Тој потенцира дека од особена важност е иницијативата во чии рамки сојузниците од НАТО набавуваат американска воена опрема вредна милијарди долари, што потоа директно се влева во Украина
– Сојузниците и партнерите се апсолутно витални за ова што овозможува да се одржи борбата на Украина и таа да го заштити своето население. Едноставно нема друга алтернатива- рече Руте.
Тој потенцира дека ЕУ има витална улога со својата финансиска поддршката на Украина, при што апелираше до европските институции да обезбедат флексибилност во трошењето на средствата и да не бидат премногу рестриктивни.
– ЕУ и НАТО сега работат заедно и во Брисел и во Киев за да ѝ помогнат на Украина преку координација на воената помош и обуката на украинските сили и, секако, преку зајакнување на украинската одбранбена индустрија. Сите тие напори се комплементарни и треба да продолжиме на тој начин. Тоа е важно за безбедноста на Украина и мислам дека сите знаеме дека тоа е важно и за нашата безбедност – рече Руте.
Тој потсети дека на ланскиот Самит во Хаг, членките на НАТО се договорија да ги зголемат трошоците за одбраната до 2035 година на ниво од пет отсто од БДП.
– Пет отсто секако се многу, но зајакнувањето на нашата индустриска база не е лесно. Моите пораки се: треба да го направиме тоа и треба да го направиме брзо, прво затоа што безбедносната ситуација го бара тоа, бидејќи се соочуваме со вистински и трајни предизвици за нашата безбедност, и второ затоа што времето кога практично дозволувавме САД да го носат поголемиот дел од товарот за заедничка безбедност едноставно заврши. Европа и Канада мора да преземат поголема одговорност за сопствената безбедност, а добрата вест е и дека го прават тоа – додаде Руте.
Според него, вакво зголемување на трошоците немаше да се случи ако не беше американскиот претседател Трамп.
– Дали навистина мислите дека Канада ќе одлучеше да зголеми од 1,5 на два отсто? Италија сега да троши 10 милијарди евра повеќе за одбраната отколку на почетокот на годината? Без претседателот Трамп, ќе немаше шанси. Затоа мислам дека тој е многу важен за НАТО и тој е целосно посветен на НАТО – рече Руте.
Тој нагласи дека ако некој мисли дека Европа може да се брани без САД, може само да продолжи да сонува, бидејќи без Вашингтон, издвојувањата од пет отсто од БДП за одбраната нема да бидат доволни, туку ќе бидат потребни 10 проценти.
Според него, посилната европска одбрана е клучна, но напорите за нејзино зајакнување треба да се компатибилни со НАТО и да го надополнуваат она што го има во Алијансата.
– Да бидеме практични и да бидеме реални кога станува збор за нашата безбедност, треба да ја искористиме нашата перспектива за поголемо користење на заедничките пари и индустриски иновации. Тоа е единствениот начин да се заштитиме – рече првиот човек на НАТО.
Руте потенцира дека во време кога Русија, Иран, Кина и Северна Кореја сè повеќе се усогласуваат и ги предизвикуваат НАТО и ЕУ, за нив е важно да ги зајакнуваат партнерствата и подалеку од своите региони и да се ангажираат со други партнери, како оние од реонот на Пацификот – Јужна Кореја, Јапонија, Австралија и Нов Зеланд.
Тој истакна дека НАТО и ЕУ се уникатни партнери кои заедно можат да направат многу повеќе, имајќи пред вид дека 23 земји од Унијата се и членки на Алијансата и 96 отсто од европското населени живее во држави од Пактот.
– Постои големо преклопување помеѓу ЕУ и НАТО и мислам дека со поделбата на трудот, можеме да биде посилни од кога било досега – заклучи Руте.