
Синдикати на автобуски и такси превозници: Разумно решение за повисока минимална плата, без штета на услугите за граѓаните
Сите засегнати страни разумно да пристапат за решение за зголемување на минималната плата, кое за износот од 200 евра што се бара може да се реализира единствено со субвенционирање од државата. Во спротивно ќе резултира со минимално или работење со загуби, велат од Синдикатот на приватни автобуси превозници на град Скопје.
Сите засегнати страни разумно да пристапат за решение за зголемување на минималната плата, кое за износот од 200 евра што се бара може да се реализира единствено со субвенционирање од државата. Во спротивно ќе резултира со минимално или работење со загуби, велат од Синдикатот на приватни автобуси превозници на град Скопје.
– Изразуваме голема загриженост во однос на барањето на Сојузот на синдикатите на Македонија за покачување на минималната плата од 200 евра. Ние сме микро фирми со еден до двајца вработени и во изминатиот период имавме низа проблеми со исплатата на надоместоците што требаше да ни ги плаќаат во град Скопје, особено во времето на градоначалничката Данела Арсовска со која до ден денеска имаме судски спор поради нејзините одлуки за неисплата на дел од долгот. Во насока на тоа бевме принудени да земеме кредити за да можеме да ги сервисираме нашите обврски кон граѓаните на град Скопје. Во случај на покачување на минималната плата од 50 проценти би дошле во ситуација во која повеќе нема да можеме да возиме и ќе бидеме принудени да ги откажеме договорите затоа што работењето ќе биде сведено на минимум или со загуба. Затоа ги повикувам сите засегнати страни разумно да пристапат кон овој проблем за кој и ние самите сме свесни – изјави за МИА Кемал Муриќ, претседател на Синдикатот на приватни автобуски превозници на град Скопје.

Ваквото изнудено решение, дополнува Муриќ, ќе придонесе или за зголемување на автобуската карта или пак да ги откажуваме договорите. – Но, и во двата случаја нема да бидеме оштетени само ние со оставањето на голем број семејства без приходи во кој граѓаните на Скопје ќе останат без превоз или пак ќе биде покачена цената на билетот за превоз – вели Муриќ.
Во голем број држави во опкружувањето и во Европа, посочува тој, има пракса државата да го субвенционира јавниот градски превоз бидејќи во огромен број случаи овој превоз е непрофитабилен доколку нема субвенции. – Така што, апсолутно размислуваме и делуваме во таа насока да се обидеме да издејствуваме одредени субвенции од државата – изјави претседателот на Синдикатот на приватни автобуски превозници на град Скопје, кој застапува барање на околу 200 превозници.
И од Синдикатот на автотакси превозници на град Скопје велат дека зголемување на платите може да се случи само со поддршка и оти финансирањето на повисоките плати од страна на превозниците ќе ја зголеми цената на услугата.

– Синдикатот на автотакси превозници се состои од членови кои се самофинансираат односно сами си ги плаќаат придонесите и платата, така што со секое зголемување на платата се зголемуваат и придонесите. Значи треба да се издвојат повеќе пари, а со тоа се намалува и заработката. За да се покријат тие трошоци би требало да се зголеми и цената на такси превозот, но со зголемување на цената би се намалил и бројот на патници. Едвај кубуриме да ги покриеме и сегашните придонеси, изјави за МИА Ѓорѓи Мариновски, претседател на синдикат на такси превозници на град Скопје.
Решение, дополнува, гледаме единствено во субвенционирање односно ако се зголеми минамалната плата државата да ги финансира тие средства. – Да речеме, тоа би било износ од плус 3.000 денари и тогаш би можело да се покрие, а вака целиот товар ќе биде на таксистите затоа што не сме во ставка како фризерите и останатите занаетчии кои имаат поволности – изјави Мариновски, претседател на Синдикатот на автотакси превозници на град Скопје, кој обединува 18 фирми со 1.500 члена.