Брат на жртва од „Пулс“ сведочеше за трагичната вечер, работел како келнер без договор

Кристијан Панов, невработен млад човек кој повремено работел како келнер во дискотеката „Пулс“ денеска сведочеше за функционирањето на дискотеката и за вечерта на несреќата кога во пожарот загинал и неговиот брат, Андреј Панов. Тој појасни дека не бил формално вработен, туку бил ангажиран директно од сопственикот Дејан Јованов – Деко, а парите секогаш ги добивал во кеш.

Кристијан Панов, невработен млад човек кој повремено работел како келнер во дискотеката „Пулс“, денеска сведочеше за функционирањето на дискотеката и за вечерта на несреќата кога во пожарот загинал и брат му, Андреј Панов. Тој појасни дека не бил формално вработен, туку бил ангажиран директно од сопственикот Дејан Јованов-Деко, а парите секогаш ги добивал во кеш.

– Бев плаќан во износ од 1.500 денари, ги добивавме на самиот почеток кога почнувавме со работа и на крајот од смената остануваа кај нас – рече Панов на почетокот од сведочењето.

Сведокот опиша дека во дискотеката настапувале разни бендови и диџеи не само од Македонија, а понекогаш се користеле и пиротехнички средства.

– Неодамна пред да се случи несреќата, имаше диџеј од Грција и настапуваа танчарки, кои вртеа со факели со оган во воздухот – изјави Панов.

Тој сведочеше дека дискотеката имала само еден влез и излез за кој не бил сигурен дали бил означен со светлосен сигнал и нагласи дека не видел противпожарни апарати во внатрешноста.

Потврди дека во објектот редовно имало обезбедување, но нагласи дека во „Пулс“ често присуствувале и малолетници.

– Да, имаше малолетници – рече Панов додавајќи дека полицијата доаѓала повремено, понекогаш и без униформа.

Опишувајќи ја трагичната ноќ, тој сведочеше дека бил на роденден на пријател и излегол надвор да запали цигара.

– Излегов надвор, како што кажав, ја запалив цигарата и одеднаш сите трчаа, излегоа колку што можат, одеднаш настана стампедото надвор, на самите скали, како што знаеме сите, и кој колку можеше – даде помош. Стампедото беше трупа луѓе еден врз друг, се заглавија меѓу двете врати што се во дискотеката, на самиот влез – сведочеше Панов.

Кога се смирила ситуацијата, како што рече, се обидел да го пронајде својот брат Андреј, кој работел како шанкер во дискотеката.

– Се обидов да влезам и влегов внатре, каде што беше претешко да бидеш повеќе од 5 до 10 секунди, го барав брат ми и не го најдов, беше веќе доцна и стампедото беше расчистено, по 20 минути, затоа што не беше возможно да се влезе внатре пред да се расчисти стампедото. Сите беа во паника и шок, се бореа кој прв да излезе надвор, многу голема паника – дополни Панов.

Потоа сведочеше дека при првиот обид да го пронајде брат му нешто, како што рече, паднало врз него и се распрснало во пламен, при што морал да излезе.

– Кога се вратив повторно да го барам, го најдов на самиот праг на дискотеката. Тој веќе беше надвор, на прагот, некој веќе го извлекол од внатре и јас само што го видов, не бев сигурен дали е тој, го препознав по тетоважите, го повикав братучед ми да ми помогне, го кренавме телото и влеговме во амбулантата, беше преголем метеж таму, му дадоа адреналин на брат ми и потоа го префрлија во друга соба, прашував дали е жив, никој не ми даде одговор и останавме само тој и јас, при што се обидував да го реанимирам. По некое време, една од сестрите ми кажа дека оние што се во соба број 2 се тие што не дишат, односно дека е починат – сведочеше Панов.

Сведокот Кристијан Панов објасни дека резервациите за билети официјално се вршеле преку менаџерот Борис Финдачки, но можело да се направат и директно преку сопственикот Дејан Јованов-Деко или преку син му Михајло.

Во испрашувањето одбраната се обиде да го доведе во прашање сведочењето. Бранителката на Дејан Јованов го потсети дека претходно изјавил оти не видел противпожарни апарати, а Панов појасни дека навистина не забележал такви средства, освен во моментот на пожарот кога првпат го видел Деко со апарат.

Одбраната на Тодор Јованов се осврна на продажбата на билети на малолетници, при што сведокот рече дека лично не знае дали обвинетиот продавал билети таа вечер, но нагласи дека внатре имало многу малолетници.

Бранителот на Јане Јанчевски го праша дали полицијата била свесна за присуството на малолетници, а Панов одговори: „Апсолутно знаеле, без разлика дали биле во униформа или не“.

Во однос на Лазар Захариев, сведокот истакна дека го видел како им дава помош на луѓето во стампедото, но не може да потврди дали тој спасил најмногу лица.

– Сепак, тоа е човечки инстинкт и човечка одговорност, а тоа што се случи е од самата човечка неодговорност – додаде Панов.

На прашање на одбраната на Ивица Грозданов дали полицајците некогаш ги отстранувале малолетниците, Панов рече дека тоа не му е познато, а на прашањето на одбраната на Шабан Салиу дали е можно да имало униформирани полицајци внатре, Панов одговори дека не знае, но потврди дека претходно служел полицајци што не биле во униформа.

Одбраната на Беким Максути го праша дали пиротехниката што се употребувала претходно довела до проблем, на што сведокот рече дека од користењето фонтани никогаш претходно немало проблем, но не може да тврди дали тогаш имало присутни полициски службеници.

На прашање на одбраната на Џеват Селами дали полицијата некогаш го затворила објектот поради пиротехника, Панов рече: „Јас како што сум видел – не, а и не ми е познато“.

На прашањето на одбраната на Миле Ампов сведокот потврди дека работел во „Пулс“ од септември 2024 до март 2025, само за викенди, и дека плаќањето било исклучиво во кеш.

А на прашање на одбраната на Весна Кузмановска дали без стампедото немало да има толку жртви, Панов не даде коментар.

Одбраната на Александар Масев праша дали капацитетот бил исполнет, а сведокот рече: „Дискотеката беше преполна, ми требаше повеќе од нормалното време за да стигнам до масата“.

Панов потврди дека во дискотеката редовно се одржувале настани секој петок и секоја сабота, но не знае кој ја носел крајната одлука за влез.

На 16 март 2025 година, за време на настап на групата ДНК во дискотеката „Пулс“ во Кочани, избувна пожар, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а биле активирани пиротехнички средства без дозвола. Објектот работел незаконски повеќе од една деценија, без минимални технички услови, со реконструкции, без дозволи и без систем за противпожарна заштита.