
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски информираше дека е во тек финалната верификација на камерите за автоматска детекција на сообраќајни прекршоци, кои се дел од проектот „Безбеден град“.
Како што објави на својот Фејсбук-профил, станува збор за клучна фаза пред целосното пуштање на системот во функција, со јасна цел – зголемување на безбедноста во сообраќајот и намалување на бројот на сообраќајни незгоди и загубени човечки животи.
„Денеска бев на терен, на локација каде што се спроведува финалната верификација на камерите за автоматска детекција на сообраќајни прекршоци како дел од проектот ‘Безбеден град’. Овој систем го развиваме со единствена цел за зголемување на безбедноста во сообраќајот и намалување на сообраќајните незгоди, повредите и загубените човечки животи. Во оваа фаза се врши проверка на точноста на мерењето на брзината, при што утврдените отстапувања се минимални и значително под законски дозволената толеранција, што гарантира сигурност и доверливост на системот.
Во првата фаза камерите ќе бидат ставени во функција на локации со зголемен ризик, а во текот на годината системот постепено ќе се проширува на целата територија на државата. Паралелно, ќе бидат активирани и возила на МВР опремени со мобилни камери, особено на т.н. црни точки.
Овој систем не гледа кој сте, туку што сте направиле. Тој не познава имиња, функции или позиции туку евидентира исклучиво прекршок. Законот важи еднакво за сите и само на тој начин ќе постигнеме поголема сообраќајна дисциплина и повеќе спасени човечки животи.“, напиша Тошковски.