
(ВИДЕО) Филипче: Конгресот е многу успешен, усвоен е Извештајот за локалните избори, партиските тела добија доверба
„Од формален аспект Конгресот беше успешен. Беше усвоен Извештајот за локалните избори во 2025 година и се изгласа доверба на сите партиски тела за кои според Статутот денеска требаше да се гласа, а тоа е заменик претседателката на партијата, како и Централниот и Извршниот одбор“, изјави Филипче.
Денеска на 31. Конгрес на СДСМ во работниот дел кој беше затворен за јавноста, беше усвоен Извештајот за локалните избори што се одржаа минатата година, а поддршка добија и телата и органите на партијата, соопшти вечерва партискиот лидер Венко Филипче.
„Од формален аспект Конгресот беше успешен. Беше усвоен Извештајот за локалните избори во 2025 година и се изгласа доверба на сите партиски тела за кои според Статутот денеска требаше да се гласа, а тоа е заменик претседателката на партијата, како и Централниот и Извршниот одбор“, изјави Филипче.
Тој додаде дека од аспект на дискусија, од аспект на предлози, совети, забелешки, критики, од аспект на пофалби, Конгресот бил многу успешен.
„Имавме одлична дебата, многу дискутанти и секој и сечие мислење беше конструктивно, добронамерно. И критиките и пофалбите“, рече Филипче.
Тој посочи дека сите тие дискусии, како сублимат ќе бидат дискутирани на следните состаноци на Извршниот и на Централниот одбор со цел да се утврди дали согласно некои препораки и предлози ќе треба да се прават дополнителни измени во Статутот на партијата, во делот на креирањето на политиките и тн.
„Јас сум многу задоволен од денешниот состанок“, нагласи Филипче.
Запрашан од новинарите дали на Конгресот станало збор и за забелешките од членовите кои искажуваат незадоволство за партиското раководство, Филипче одговори потврдно, односно дека се дискутирало за многу работи.
„Се дискутираше и за тоа, се дискутираше и за огромниот број на членови и наши симпатизери, поддржувачи кои што за тие луѓе кои денеска ја критикуваат партијата трчале и давале поддршка за време на нивните предизборни кампањи.
За разочараноста на тие верни членови кои што без никаков бенефит ги поддржувале овие наши поранешни функционери. Тие биле во партијата и пред да бидат на функција, за време на нивните мандати и се сега искрени и чесни членови. Се зборуваше од сите аспекти“, рече Филипче.