Филков: Онаму каде што има индиции за злоупотреби, ќе има институционална реакција

Министерот за правда Игор Филков на денешната прес-конференција говореше за актуелните состојби во правосудниот систем истакнувајќи дека Министерството веќе работи на утврдување на реалната состојба на терен и подготвува конкретни мерки за надминување на системските слабости.

Министерот за правда Игор Филков на денешната прес-конференција говореше за актуелните состојби во правосудниот систем истакнувајќи дека Министерството веќе работи на утврдување на реалната состојба на терен и подготвува конкретни мерки за надминување на системските слабости.

– Во изминатиот период јавноста беше сведок на настани и случаи, кои дополнително ја засилија загриженоста за интегритетот, одговорноста и за функционирањето на судството и Обвинителството. Таквите појави не смее да се релативизираат, ниту да се игнорираат – рече Филков.

Тој посочи дека долготрајното нерешавање на предметите за висока корупција и отсуството на институционален одговор за очигледни сомнежи ја рушат довербата во системот.

– Кога предмети за висока корупција стојат со години без разрешница и кога очигледни сомнежи не добиваат институционален одговор – тогаш граѓаните со право прашуваат: каде е правдата? – рече министерот.

Како особено алармантен пример министерот го наведе случајот со апелацискиот судија кај кого беа пронајдени 350 илјади евра заѕидани во ѕид.

– Тоа не е само скандал. Тоа е симбол на длабока системска слабост – симбол на култура на неказнивост, молк и меѓусебна заштита, што предолго ја разјадува довербата во правосудниот систем – изјави Филков додавајќи дека овој случај дополнително ја нарушува довербата во судството и ја доведува во прашање функцијата судија, „која треба да биде во служба и интерес на граѓаните, а не привилегија“.

Министерот укажа и на сериозните предизвици во работењето на Обвинителството, меѓу кои недоволната ефикасност, ограничените капацитети и недостигот на решителност во справувањето со најтешките облици на криминал.

– Истражувањата за перцепцијата на корупција покажуваат дека довербата во судството и Обвинителството е сериозно нарушена. Таа доверба не може да се врати преку ноќ, ниту со една одлука – нагласи тој.

Додаде дека проблемите се системски и бараат долгорочни, темелни интервенции.

– Свесни сме дека без темелни и добро насочени реформи, ваквите појави ќе продолжат да се повторуваат. Затоа Министерството за правда пристапи системски, со утврдување на фактичката состојба на терен и со преземање конкретни чекори – нагласи министерот.

Министерството за правда, како што најави Филков, ќе реагира на сите случаи во кои постојат индиции за злоупотреби, а слабостите во системот ќе бидат адресирани со соодветни институционални интервенции.