
Голем број граѓани и попладнево се собраа на протест на раскрсницата на булеварите „Борис Трајковски“ и „Србија“ во близина на Цементарницата „Усје“ во Скопје за да го искажат својот револт заради огромното загадување на воздухот во градот.
Граѓаните уште еднаш ги повторија своите ставови дека индустрискиот капацитет е голем причинител на загадувањето и повторно побараа дислокација.
Симболично, „Усје“ и Министерството за животна средина добија жолти картони од присутните кои истакнаа дека е неопходен независен мониторинг на работењето на фабриката бидејќи, како што истакнаа од организаторите „Стоп за Усје“, граѓаните немаат доверба во резултатите од мерењата кои капацитетот самиот ги прави и објавува.