
Факиќ: Ако останат измените на Кривичниот закон за јавните набавки, корупцијата ќе „процвета“
Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации, организација која со децении ги следи јавните набавки, ги оцени негативно предложените измени во Кривичниот законик во делот за јавните набавки, со забелешка дека ако влезат вака како што се предложени, ќе доведат до поголема неказнивост на корупцијата во државата.
Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации, организација која со децении ги следи јавните набавки, ги оцени негативно предложените измени во Кривичниот законик во делот за јавните набавки, со забелешка дека ако влезат вака како што се предложени, ќе доведат до поголема неказнивост на корупцијата во државата.
„Во однос на предложеното решение за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување во јавните набавки, предлагачите тврдат дека измените ќе доведат до заострување на казнената политика. Меѓутоа, анализата на предложениот член 353 став 5 укажува дека предложеното законско решение, наместо заострување на казнената политика, ќе доведе до спротивен ефект“, вели Факиќ во интервју за „Призма“.
Според неа, со предложените измени, кривичната одговорност во јавните набавки се сведува само на две основи – набавка на стоки, услуги или работи без да се спроведе постапка за јавна набавка или измени на договорот за јавна набавка за време на неговата важност над законски утврдениот вредносен праг.
„Овие ситуации се исклучително ретки, па дури можеме да кажеме дека не се ни случуваат. Напротив, во пракса имаме фаворизирање фирми, прилагодување на тендерските документации и технички спецификации на однапред избран понудувач, селективно постапување, склучување договори без реална потреба од набавката, пропусти со умисла, толерирање на незаконитоста во реализацијата на договорите итн. Токму тоа се најчестите форми на злоупотреби во јавните набавки, кои се систематски утврдени преку нашиот долгогодишен мониторинг на јавните набавки, а не наведените основи во предложеното решение. Со тоа што законодавецот експлицитно наведува само две ситуации, сите други облици на злоупотреба во јавните набавки што не се опфатени со кривичното дело, во пракса ќе бидат декриминализирани. Тоа, според нас, е најсериозниот проблем со предложеното законско решение“, вели Факиќ.
Со фокусирањето на кривичната одговорност на само две основи, кои не се ни случуваат во пракса, смета таа, ќе се создаде правна несигурност и потецијално ќе се доведе до прекинување и на сите актуелни кривични предмети од областа на јавните набавки. Од јавно достапните информации се гледа дека ниту еден актуелен кривичен предмет за јавните набавки не се води по овие две основи.
„Доколку се усвојат предложените измени, може да се очекува натамошно зголемување на корупцијата и злоупотребата на јавни средства во јавните набавки. Обвинителството ќе нема правна основа да постапува во најголемиот број случаи, судовите ќе немаат основа да изрекуваат затворски казни, а службените лица ќе знаат дека ризикот од реална одговорност е минимален, што дополнително може да ја поттикне корупцијата. Притоа, треба да се истакне дека вредноста на јавните набавки на годишно ниво изнесува 100 милијарди денари, односно 1,5 милијарда евра и од начинот на нивното трошење, во најголем дел, зависи квалитетот на животот на граѓаните“, вели Факиќ.
Затоа даа оценува дека предложениот концепт на издвојување поединечни основи за кривична одговорност не е добар.
„Јавните набавки се сами по себе комплексна и динамична материја и при нивното спроведување се наметнува потребата и од примена на законите на поодделната област за која се однесува набавката, како што се градежништвото, здравството, енергетиката или некоја друга област. Оттука, злоупотребите во јавните набавки може да бидат бројни и разновидни, и со издвојувањето на основите не се зголемува прецизноста на Кривичниот законик, туку се исклучува одговорноста и се оди кон декриминализација на основите што претходно законодавецот не ги предвидел. Поради тоа, сметаме дека е непходно да се користи поширока формулација, како што е кривично дело сторено при вршење јавни набавки. Имајќи го сево ова предвид, предлагаме, наместо предложениот текст на членот 353, да се усвои текстот на членот 353 што беше укинат со измените на Кривичниот законик во септември 2023 година. Ова решение, подолго време беше применувано во пракса и обезбедуваше соодветна правна рамка за санкционирање на кривичните дела во областа на јавните набавки. Враќањето на поранешните законски одредби од членот 353 ќе претставува јасен сигнал дека државата има сериозна намера ефикасно да се бори против корупцијата во јавните набавки“, предлага Факиќ во интервју за „Призма“.