Откриени имињата на странските лекари ангажирани за сомнителните операции во приватните клиники

Случајот опфаќа повеќе од десет операции за кои е утврдено дека биле извршени без медицинска индикација, а и покрај тоа што анализите се доставени до надлежните институции, засега нема официјално постапување од Јавното обвинителство.

Тројца странски медицински експерти ќе бидат консултирани во врска со случаите на сомнителни, односно непотребни кардиоваскуларни интервенции, објави МИА.

Според нив, станува збор за кардиоваскуларниот хирург Никола Лакиќ од Љубљана, кардиохирургот Уголино Ливи од Италија и интернистот и специјалист по интензивно лекување Хугон Можина од Љубљана.

Дел од домашните кардиолози изразуваат сомнеж во изборот на експертите, пред сè поради отсуството на интервентен кардиолог во тимот, кој е клучен за поставување на дијагнозата. Дополнително, нејасно останува и зошто постапката за ангажман на странски експерти траеше со месеци, иако, според нив, веќе постои експертско мислење од 16 врвни домашни кардиолози и кардиохирурзи за повеќе потврдени случаи.

Од Министерството за здравство за МИА информираат дека е направена минимална промена во составот на домашната Комисија, при што за нов член е назначен директорот на Институтот за судска медицина, д-р Александар Станков, додека претседавач и понатаму е д-р Жарко Христовски. Токму оваа измена, според експертски извори, предизвикала дополнителни реакции и незадоволство.

Случајот опфаќа повеќе од десет операции за кои е утврдено дека биле извршени без медицинска индикација, а и покрај тоа што анализите се доставени до надлежните институции, засега нема официјално постапување од Јавното обвинителство.