Пахлави со апел до меѓународната заедница да помогне во уривање на режимот во Иран

Иранскиот престолонаследник во егзил Реза Пахлави ја повика меѓународната заедница активно да им помогне на иранските демонстранти во уривање на режимот во Техеран. - Исламската Република ќе падне, не ако, туку кога, изјави Пахлави на прес-конференција во Вашингтон, а обраќањето го почна со една минута за „храбриот ирански народ“.

Иранскиот престолонаследник во егзил Реза Пахлави ја повика меѓународната заедница активно да им помогне на иранските демонстранти во уривање на режимот во Техеран.

– Исламската Република ќе падне, не ако, туку кога, изјави Пахлави на прес-конференција во Вашингтон, а обраќањето го почна со една минута за „храбриот ирански народ“.

Според него иранскиот режим ќе падне и без помош однадвор, но оти со конкретна акција на меѓународната заедница тоа ќе се случи побрзо и со помалку жртви.

– Иранскиот народ презема одлучни чекори на терен, сега е време меѓународната заедница да се придружи, посочи Пахлави.

Тој наведе шест конкретни чекори што меѓународната заедница треба да ги преземе во однос на Иран.

– Заштита на иранскиот народ преку ослабнување на репресивниот апарат на режимот, вклучително на Револуционерната гарда;

– Да се засили и да се одржува максимален економски притисок;

– Да се овозможи неограничен пристап до интернет и сигурни комуникации, да се протераат иранските дипломати и да се поведат правни постапки против одговорните за злосторствата против човештвото;

– Итно да се ослободат сите политички затвореници;

– Да се подготви демократска транзиција и потоа да се признае иранската преодна влада.

– Тој повтори дека е подготвен да се врати во Иран и да ја преземе водечката улога во преодниот период.

Протестите во Техеран почнаа на 28 декември кога трговците го изразија својот револт поради рекордно високата девалвација на домашната валута риалот во однос на американскиот долар и растечката инфлација. Студентите набргу им се придружија на протестите, кои се проширија и во други градови. Демонстрациите за кратко прераснаа во барања за смена на режимот.

Според невладините организации, во протестите во Иран убиени се најмалку 2.500 луѓе, а над 18.000 се приведени. Пребеганите Иранци тврдат дека владините сили ги убиваат демонстрантите на улиците.

Реза Пахлави е син на последниот шах на Иран, а изминатите недели е едно од највидливите лица на фрагментираната иранска опозиција.