Рама го критикуваше Јавниот сервис, дури спомна и опција за негово гаснење
Албанскиот премиер Еди Рама го нарече менаџментот на Албанската радио-телевизија (РТШ) „најмизерната служба на светот“ и изјави дека јавниот медиумски сервис треба да се реформира.
Албанскиот премиер Еди Рама го нарече менаџментот на Албанската радио-телевизија (РТШ) „најмизерната служба на светот“ и изјави дека јавниот медиумски сервис треба да се реформира.
Рама нагласи дека нема да се издвојуваат јавни пари се додека не се спроведат реформи во РТШ. Според него, сите опции се на маса, вклучувајќи затворање, приватизација или партнерство.
Премиерот на Албанија го критикуваше долгорочното функционирање на РТШ, наведувајќи дека јавниот сервис е неуспешен и оти неговото работење е полошо од помалите комерцијални телевизиски станици со помал буџет. Тој додаде дека не ја следел програмата на РТШ од 1990 година и оти претходно им дал можност на директорите да ја подобрат својата работа, но без успех.
Здружението на новинари на Албанија реагираше на изјавите на албанскиот премиер, оценувајќи дека неговата реторика „ги стигматизира јавните медиуми“ и предлага драстични решенија што „сериозно би го загрозиле медиумскиот плурализам и уредничката независност“.
Здружението повика на длабинска реформа на РТШ преку дијалог со експерти и граѓанското општество, почитувајќи ги европските стандарди за слобода на медиумите.
Здружението нагласи дека РТШ е институција од јавен интерес, која мора да гарантира непристрасно информирање, култура, образование и еднаков пристап до граѓаните.
Екстремните опции како што се затворање или приватизација, посочија тие, сериозно би го загрозиле правото на јавноста на информации.