
(ВИДЕО) Трилинг: Културата на врвот од светот, економијата во должничко ропство
➡Годината ја стартуваме со една милијарда евра задолжување, а за пет години ќе треба да вратиме речиси девет милијарди евра - интервју со поранешниот министер за финансии Кирил Миновски. ➡Има ли елементи за злоупотреби на државни пари и корупција во случаите кои ги обелодени СДСМ. ➡Дали Антикорупциска ќе ги отвори постапки за луѓе во високите ешалони на власта? Гостин претседателот на ДКСК Адем Чучуљ. ➡Дали одлуката на Филипче да не присуствува на лидерската е исправна или непромислен чекор. ➡Дали најавата за тет-а-тет средба Мицкоски-Ахмети значи дека ВМРО-ДПМНЕ смета дека ДУИ се реформирала, анализираме со Марко Трошановски од Институтот за демократија. ➡За филмот „Приказната за Силјан“, во Трилинг со режисерката Тамара Котевска и продуцентот Јорданчо Петковски.
„Доколку ги следиме оние критериуми што ЕУ ги наметнува во однос на одржливоста на висината на јавниот долг, сметам дека со ова задолжување се наоѓаме некаде околу 63%, а границата 60%. За вакви економии каква што е македонската треба да се биде внимателен на начинот на којшто се менаџира јавниот долг и задолжувањето.
-Ние во наредните 7 години треба да вратиме долг од 8 до 8,5 милијарди што претставува сериозен предизвик од аспект на управувањето на јавните финансии. Несомнено е дека постојат и стари обврски, несомнено е дека треба да се обезбеди и ликвидност на буџетот, но треба да се биде внимателен и колку што е можно треба да одиме на фискална консолидација и намалување на буџетскиот дефицит“, изјави за Трилинг, поранешниот министер за финансии Кирил Миновски, говорејќи околу тоа дали има простор за стравувања со оглед на тоа дека годинава ја стартуваме со нови и перманентни задолжувања задолжувања.

„Македонската економија за да може да го сервисира долгот, пред сѐ неопходно е да генерира раст кој ќе биде поголем од овие 3% кој ги имаме за да може да се одржува тој сооднос на нивото на јавниот долг во однос на БДП во рамките на овие предвидени граници, за да се обезбеди одржливост на системот за јавни финансии.
-Она што е многу битно се стапките по кои се задолжуваме и несомнено е дека стапката на реалниот раст на БДП треба да биде поголема од висината на каматните стапки, за да се обезбеди еден дополнителен аргумент за овие задолжувања“, додава Миновски.

За двете милијарди евра пруга, четири милијарди автопати, една милијарда унгарски кредит, што ќе тежат во наредните пет до седум години, и дали би биле товар ако имаме пораст на БДП од каматите што за кредитните линии, обврзниците, Миновски вели дека овие средства дел се обезбедени и потрошени, а дел се средства кои се во најава.
„Кога се трошат овие средства во инфраструктурата, неопходно е да се земат и други елементи предвид, односно дали постојат соодветни студии во однос на истите проекти за нивната економска одржливост. Неопходен е и менаџмент, заради тоа што доколку проектите не се имплементираат во предвидената временска рамка, тогаш се губи тој позитивен ефект што евентуално би го носеле овие капитални проекти“, смета Миновски.
Прашан за тоа колку буџетскиот дефицит во ПИОМ има негативен импакт врз финансиско-економската состојба, Миновски вели дека тој проблем го имаме од самото осамостојување.
„Тоа беше една од причините за иницирање на реформата во 2004 година и креирање на тристолбниот пензиски систем. Во просек Македонија троши на пензиски систем од 9 до 10% од БДП, додека дефицитот се движи околу 4 до 5%. Ова претставува посебен предизвик, заради тоа што ја ограничува можноста за некаква креативност во управување со јавните финансии.
-Време е можеби да се преиспита самата одржливост на овој тростолбен пензиски систем, да се размислува за определени промени, изјави за Трилинг, поранешниот министер за финансии Кирил Миновски.

„Отворивме постапки по актуелните два предмети што беа потенцирани од СДСМ во однос на набавките на наводна фирма блиска до власта, дека добила тендер во вредност од 9 милиони евра, и исто така постапките за јавни набавки наводно до фирма блиска до директорот на СОЗР, вели за Трилинг првиот антикорупционер Адем Чучуљ.
Прашан дали конечна ДКСК ќе покаже „заби“ и ќе се спротивстави на центрите на моќ, првиот антикорупционер вели дека Комисијата постапува и ќе постапува неселективно.
„Ние сме пред сѐ превентивен орган, имаме механизми на располагање кои се од аспект на превенција на корупцијата и доколку утврдиме сомневања за евентуални злоупотреби, нашето е да проследиме до други надлежни органи, коишто понатаму имаат механизми да ги истражат тие случаи.

Околу тоа кои се тие функционери, Чучуљ вели дека тоа се оние кои се детектирани од Националната стратегија, односно со анализата на ризици од корупција, односно области кои се ризични за корупција.
„Предмет на проверка ќе бидат 10 судии, 10 јавни обвинители, градоначалниците, дел на оние што се реизбрани, 10 што им завршил мандатот, 10 пратеници и 10 министри од актуелниот состав на Владата, вели претседателот на ДКСК Адем Чучуљ.

„Инспирацијата почна пред три години. Мене на некој начин штрковите цел живот ми биле инспирација, бидејќи имам пораснато со нив во село кај баби и дедовци каде што сум растела. И бидејќи имав и симбол штрк во филмот „Човек против јато“, чиешто снимање се одложуваше, решив да почнам со истражување на тема штркови, за да сфатам малку повеќе логистички како да пристапиме на снимање на штркови, бидејќи навистина голем предизвик“ вели за Трилинг режисерката на филмот „Приказната за Силјан“, Тамара Котевска.
„Овој филм не требаше никогаш ниту да постои. Немаше финансии за да постои. На некој начин беше повеќе некое пополнување на време чекајќи да се случи друг филм, така што се што се случи со овој филм е навистина едно чудо и една огромна потврда за нашиот труд, талент и капацитет како една мала екипа и пред сѐ за мојата интуиција – дека одам во права насока и ги наоѓам правите приказни.
-Тоа што веднаш го купи „National Geographic“ после премиерата во Венеција е нешто коешто не се случува речиси никогаш на светско ниво во документарниот свет. Изборот токму нашиот филм да биде избран за кампањата за Оскари беше исто така чудесно, бидејќи беше уште една потврда колку „National Geographic“ верува во овој филм. До сега добивме 12 номинации на светско ниво од А категорија и седум Гранд при награди е повеќе од што можев да замислам каде ќе стигне овој филм“, вели Котевска.
Прашана колку пораките од овој филм допираат македонското раководство, Тамара Котевска вели дека била среќна што некои од нив дошле на премиерата, бидејќи тоа не е вообичаено во Македонија.
Говорејќи за тоа што е она што повеќе не сака да го гледа, а што е она што сака да го гледа, Котевска напоменува работи кои го засегаат целокупното општество.
„Секако дека работите кои што би сакала да се сменат се пред сѐ депониите коишто продолжуваат да растат и загадувањето на оваа земја коешто станува од секој аспект се потрагично. Тоа е она што би сакала да се смени, а тука повторно сериозна улога играат власта и самиот народ, којшто мора да има сериозна свест за она се случува. Потоа би сакала да се смени односот кон самите земјоделци коишто не претставуваат само малцинство во оваа земја, туку тоа е однос кон земјата и природата. Сите ние сме дел од тоа поврзани преку еден еко систем и отуѓувањето од земјата и од начините на комуникација со земјата и природата, придонесува до огромни штети по многу други помали еко системи, во случајов како што се штрковите.
-Она што не би сакала да се смени е таа една прекрасна идилична слика на македонската внатрешност – еден начин на живот кој што на некој начин умира. Но тоа навистина треба да се зачува, бидејќи конзумеризмот и капитализмот уништуваат работи длабоко во нас коишто новите генерации многу ќе зажалат што не можат повеќе да ги осетат и да ги проживеат. Тука е и чувството на една заедница, комуна, не само фамилијарна, кое што се повеќе се губи кај нас. Ние сме земја која што историски и традиционално има сериозни корени во заедништвото. Ние не сме прозападна и индивидуалистичка земја и ние тука треба да ја бараме силата, вели Котевска.

„’Приказната за Силјан’ настана сосема случајно, спонтано и беше еден добар начин јас и Тамара да се спознаеме како режисер и продуцент, да видиме како дишеме, работиме, во кој смер гледаме, дали сме на иста бранова должина или не. ‘Силјан’ настана чекајќи го играниот филм кој го реализиравме и снимивме минатата година, кој беше повеќе милионски, бараше многу повеќе организација и финансии“, вели Петковски.
„Штркот и штрковите беа приказна и од играниот филм. Распрашувајќи се за на кој начин може да снимиме штрк и да го имаме во филмот, почнавме малку повеќе да говориме за нив и ни станаа многу интересни, затоа што разбравме многу работи кои до тогаш не сме ги знаеле – дека се многу блиски до човекот, дека малтене како и ние, одиме и се враќаме на исто место, со ист партнер живееме, ловиме за да преживееме. Снимивме многу кадри, деловите од приказната почнаа да се редат и на крај дојдовме до еден документарен филм кој направи бум“, вели Јорданочо Петковски, продуцент на „Силјан штркот“.

„Никакви одлуки не беа донесени, па ако за некаков ефект може да говориме е дека после наелектризираната атмосфера која произлезе помеѓу политичките партии после локалните избори, сега сведочиме на некаква пацификација, консолидирање на политичкиот амбиент, наратив во којшто се разговара на нормално пристојно ниво. Тоа е главен заклучок.
-Отсуството на СДСМ за мене е сѐ уште неразбирливо. Она што го претпоставувам е можеби промена во нивниот пристап, во смисла на тоа дека сега би се држеле настрана од процесот како многу поагресивен критичар“, изјави за Трилинг, Марко Трошановски од Институтот за демократија, анализирајќи ја последната лидерска средба, без присуство на лидерот на СДСМ.
Трошановски претпоставува дека со овој потег СДСМ се поставува како порадикален опозициски актер на политичката сцена.
„Но не сум сигурен дали оваа стратегија ќе вроди со плод. Можеби таа функционира кај партии што допрва треба да се факторизираат, па врз креирање на гнев, антиестаблишмент, анимозитет, создаваат поддршка кај базата. Но СДСМ е се само не нов актер и не сум сигурен колку таа стратегија ќе вроди со плод“, вели Трошановски.

Трошановски смета дека веќе е дојдено време за укинување на Пржинската влада.
„Не се согласувам со изјавите на ДУИ дека треба да ги контактираме меѓународните партнери на земјата. Од 2016-та па наваму имаме избори без сериозни забелешки од ОДИХР и извештаите на ЕУ. Мислам дека нашиот политички систем е сосема доволно консолидиран“, вели Трошановски.
Целото издание на магазинот „Трилинг“ со Горазд Чомовски, погледнете го во видеото.