
Титан Усје работи согласно законот – неоснованите обвинувања се тенденциозни и не придонесуваат кон изнаоѓање одржливи решенија
ТИТАН Усје е одговорна компанија која, во сите сегменти од своето работење, работи согласно домашната регулатива. Kомпанијата ги применува најдобрите достапни практики во производството и применува технологија идентична со најдобрите компании од цементната индустрија во Европската Унија.
ТИТАН Усје е одговорна компанија која, во сите сегменти од своето работење, работи согласно домашната регулатива. Kомпанијата ги применува најдобрите достапни практики во производството и применува технологија идентична со најдобрите компании од цементната индустрија во Европската Унија.
Како конструктивен дел на заедницата, ТИТАН Усје целосно ја разбира загриженоста за квалитетот на воздухот во Скопје, но смета дека нападите кон нејзиното работење, кои не се темелат на аргументи и податоци, се некоректни и тенденциозни, и воедно не придонесуваат за изнаоѓање вистински одржливи решенија за ваквата состојба.
Во интерес на вистината би сакале повторно да ги истакнеме фактите дека ТИТАН Усје целосно ја почитува законската регулатива во сите области од своето работење, ги применува светските добри практики во производство на цемент и на јасен и транспарентен начин комуницира со сите засегнати страни.
Имено, согласно домашната регулатива, која во овој сегмент е идентична со онаа на Европската унија, ТИТАН Усје како компанија носител на А-интегрирана дозвола, е под континуиран 24-часовен независен мониторинг на излезните гасови од оџаците, а резултатите од мерењата се јавно достапни (неделен извештај даден во прилог). Граничните вредности на емисиите утврдени во дозволата која ја поседува ТИТАН Усје се построги од оние пропишани со Законот. И покрај тоа, компанијата, во своето работење, не ги надминува вака дефинираните дозволени гранични вредности. Тоа е овозможено со високоефикасен, комплексен систем на современи филтри кои фабриката ги има инсталирано и задолжително работат секогаш кога работат и производните линии. Покрај тоа компанијата континуирано инвестира во модернизација на технолошките процеси. Имено, во изминатите шест години инвестициите надминаа 36 милиони евра, од кои 4,5 милиони евра беа наменети за унапредување на заштитата на животната средина.
Бројките недвосмислено покажуваат дека и кога ТИТАН Усје не работи, амбиенталниот воздух е со истиот квалитет, што е јасна потврда за тоа дека компанијата не е причина за состојбите со квалитетот на воздухот во Скопје.
Сите независни студии укажуваат дека индустријата има помало влијание на квалитетот на амбиенталниот воздух споредено со загревањето на домовите и јавните објекти, сообраќајот, градежните активности и горењето на отворено.
Како компанија која во целост работи согласно утврдените законски рамки, секогаш ќе настојуваме на почитување на принципите на владеење на правото. Како активен член на заедницата во изминатите 70 години, подготвени сме да помогнеме во сеопфатно решавање на системскиот проблем, со цел да се надминат состојбите со лошиот квалитет на воздухот во градот, што е во интерес на сите нас. Притоа секогаш ќе инсистираме на соработка и дебата базирана на факти и докази, а не на паушални заклучоци и ќе бидеме јасни и прецизни во нашиот став – изворите да се бараат на вистинските места.“
Во прилог редовните неделни извештаи од мерењата на емисиите кои се јавно достапни.
