Владата на чешкиот тајкун Бабиш доби доверба од Парламентот

По долгата дебата, што почна на 13 јануари, синоќа новата коалициска Влада предводена од популистот Андреј Бабиш доби доверба од Парламентот

По долгата дебата, што почна на 13 јануари, синоќа новата коалициска Влада предводена од популистот Андреј Бабиш доби доверба од Парламентот.

За доверба на коалициската Влада составена од Акција на незадоволни граѓани (АНО) на Бабиш, радикалната партија Слобода и директна демократија (СПД) и евроскептичната партија Мотористи, гласаа 108 пратеници, 91 се изјаснија „против“, а еден беше „воздржан“.

Опозицијата го критикуваше Бабиш поради коалицијата со радикалните националисти, кои му се потребни за Парламентот да не се изгласа укинување на неговиот имунитет, со што ќе избегне судење поради малверзации со европските донации од два милиони евра за семејната фарма. Ако биде укинат имунитетот на Бабиш, тој може да биде осуден на условна казна затвор и висока парична казна. И лидерот на радикалните националисти Томио Окамура е пред кривично гонење за злосторство од омраза поради неговата ксенофобична кампања пред парламентарните избори.

Парламентот во текот на месецот треба да гласа за барањето за укинување на имунитетот на Бабиш и Окамура, но бидејќи владината коалиција има 108 гласови, најверојатно тие ќе бидат заштитени од кривично гонење.