Жерновски го „пофали“ Мицкоски: Конечно најде стратегија да ги задржиш младите!

Поранешниот амбасадор и член на СДСМ, Андреј Жерновски ја коментираше одлуката на САД да ги замрзнат барањата за имигрантски визи на граѓаните од Македонија.

Поранешниот амбасадор и член на СДСМ, Андреј Жерновски ја коментираше одлуката на САД да ги замрзнат барањата за имигрантски визи на граѓаните од Македонија.

„Браво за Мицкоски! Конечно најде „стратегија“ како да ги задржи младите во Македонија – така што САД нема да им даваат визи. Не со подобри плати, не со квалитетно образование, не со сигурни институции, туку со меѓународни рестрикции. Од една страна, владата зборува дека ќе направи сè младите да останат дома. Од друга страна, под нејзино водство, Македонија завршува на листа на земји за кои САД ја суспендираат имигрантската политика. Ако ова е планот – тогаш навистина функционира: не заминуваш затоа што сакаш, туку затоа што не можеш. Ова не е политика за младите, туку политика на затворање. Наместо да создаде услови поради кои младите би избрале да останат, власта создава услови поради кои светот им ги затвора вратите. Мицкоски ветува иднина во Македонија, а испорачува изолација. Ветува надеж, а носи рестрикции. Ветуваа перспектива, а добивме повик за будење од реалноста.

Неговите „одлични, специјални односи“ со САД и со Трамп се толку одлични, што реалноста ни донесе повисоки царини за македонските производи и суспендирани визи за македонските граѓани. Мицкоски веќе втора година нè убедува дека е „во периметарот на Трамп“, па затоа сето ова е резултат на лажно прикажаните односи и слабата дипломатија. Погубно е вината да ја бараме во САД, бидејќи проблемот лежи во митот за „прв другар со Трамп“, кој мит е креиран и постои само во домашната пропаганда. Затоа, ова не е проблем на Вашингтон, туку на неспособната и саморекламерска надворешна политика, која повеќе служи за па-ар стратегија, отколку за заштита на интересите на македонските граѓани.

Вистинската опозиција денес има обврска да го каже ова јасно: додека Мицкоски зборува за пријателства, Македонија плаќа цена.А тоа е најсилниот доказ дека „специјалните односи“ постојат само во неговите изјави – не и во реалниот свет.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа на постот.

„Андреј Жерновски неуспешен дипломат, неакредитиран амбасадор, очаен градоначалник, кој нема никаков кредибилитет да говори за дипломатијата и меѓународните политики на Владата, поради тоа што паметиме дека додека тој беше заменик министер за надворешни работи во владата на Заев, државата го промени името. Ако тоа е успех, нека му служи на чест. Но, Жерновски денеска иронично говори дека Македонија ќе ги задржи младите дома, поради паузата на САД за имигрантските визи.

Жерновски вака не беше хумористичен кога добиваше по 1.000 евра месечно како проектен менаџер за изградба на Клиничкиот центар во Штип, за којшто беа обезбедени средства од минатата Влада на ВМРО-ДПМНЕ, но СДС не успеа да ја изгради. Изгледа тогаш му одговарало на Жерновски да го полни својот џеб од парите на граѓаните, а притоа ништо да не работи. Жерновски, како Заев и Филипче, треба да биде во минатото на политиката, а не „ново лице’’ на СДС“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.