Бугарскиот претседател денеска ќе му го врачи мандатот на ГЕРБ-СДС, Борисов најави дека веднаш ќе го врати

Речиси сите партии во парламентот, вклучувајќи ги „Продолжуваме со промената - Демократска Бугарија“, „Преродба“, „ДПС - Ново почеток“, БСП и другите помали формации, веќе се изјаснија дека нови избори се единственото решение. Дел од партиите дури го нарекоа сегашниот состав на Собранието „апсолутно нелегитимен“. Ова ќе бидат осми по ред парламентарни избори во Бугарија од 2021 година наваму.

Бугарскиот претседател Румен Радев денеска во 10:00 часот (9 часот по македонско време) ќе му го врачи мандатот за состав на влада на кандидатот за премиер посочен од најголемата парламентарна група во 51-вото Народно собрание – ГЕРБ-СДС, соопшти прес-службата на шефот на државата. И покрај ова, лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, веќе најави дека неговата формација веднаш ќе го врати мандатот.

– Ќе го земеме и ќе го вратиме мандатот, но ве предупредувам дека хаосот ќе биде уште поголем, а омразата меѓу партиите ќе порасне, бидејќи во моментов нема политичка класа со која може да се постигне договор, изјави Борисов во петокот.

Радев спроведе консултации со партиите кон крајот на минатата година по оставката на кабинетот на Росен Жељазков, потсетува БТА. Тој нагласи дека го врачува мандатот сега бидејќи партиите јасно ставиле до знаење дека не гледаат повеќе „живот“ во сегашниот парламентарен состав. Радев изрази надеж дека пратениците ќе ги исполнат ветувањата за законски измени со кои ќе се намали субјективноста при броењето на гласовите, со цел да се подигне довербата кај гласачите пред претстојниот изборен циклус.

Според бугарскиот Устав, доколку првиот мандатар не предложи состав на Министерски совет во рок од седум дена, претседателот го доверува мандатот на втората по големина група, а доколку и тоа не успее, на трета партија по негов избор. Доколку не се постигне согласност, се назначува преодна влада и се закажуваат нови избори во рок од два месеци.

Речиси сите партии во парламентот, вклучувајќи ги „Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија“, „Преродба“, „ДПС – Ново почеток“, БСП и другите помали формации, веќе се изјаснија дека нови избори се единственото решение. Дел од партиите дури го нарекоа сегашниот состав на Собранието „апсолутно нелегитимен“. Ова ќе бидат осми по ред парламентарни избори во Бугарија од 2021 година наваму.