
Кандидатите од Алијансата на Таравари ги добија изборите во Гостивар и Врапчиште
Денешните повторени избори за градоначалници во четири општини донесоа еден вид изборна утеха за коалицијата „Национална алијанса за интеграција“ (НАИ), која, сосема е извесно дека победи во гласањето во општините Гостивар и Врапчиште.
Денешните повторени избори за градоначалници во четири општини донесоа еден вид изборна утеха за коалицијата „Национална алијанса за интеграција“ (НАИ), која, сосема е извесно дека победи во гласањето во општините Гостивар и Врапчиште.
ВМРО-ДПМНЕ го освои градоначалничкото место во Маврово и Ростуше, додека во Центар Жупа беше избран единствениот кандидат од Демократската партија на Турците во Македонија.
Победата на кандидатите на НАИ е редок успех на коалицијата околу ДУИ на локалните избори.
Излезноста беше уште помала од претходно неуспешно одржаното гласање на локалните избори во октомври 2025, кога тоа беше поништено поради недоволниот број гласачи. До 18,30 часот, според податоците на ДИК на биралиштата излегле 28 отсто од гласачите.
Според преброените гласови од 90 отсто од бирачките места Валбон Лимани, кој е кандидат на крилото на Алијансата на Албанците на Арбен Таравари, а кој беше претставник на коалицијата НАИ, има двојна предност пред кандидатот на „Вреди“ Невзат Бејта и неговата победа е веќе сигурна. Лимани освоил 14.364 гласови (61,24 отсто), додека Бејта 7.145 (30,46 отсто). Бејта го подобри резултатот на претходниот кандидат на „Вреди“ од октомври за три илјади гласови, но тоа беше недоволно да му се приближи на Лимани. Бејта, кој беше градоначалник на Гостивар од 2013 до 2017 како член на ДУИ, неколку пати учествуваше во изборни трки за градоначалник, но само еднаш победи. Бејта беше дел од најтесното раководство на ДУИ околу лидерот Али Ахмети, влегуваше и излегуваше од „Огнената група“, за сега да биде кандидат на владејачката коалиција „Вреди“, но не успеа да го победи помалку познатиот Валбон Лимани.
Во Врапчиште соодносот е сличен. Кандидатот на НАИ од Алијансата на Таравари, Исен Шабани, има 5.355 гласови, а независниот Зуљхајрат Демири 3.028. Таму се пребројани сите гласови освон од едно избирачко место. И Демири има подобар реултат од претходниот кандидат на „Вреди“, но и во Врапчиште тие гласови беа недоволни.
Во општината Маврово и Ростуше се натпреваруваа само двајца кандидати; на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ. Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Онер Јакуповски, има 1.906 гласови, а предлогот на СДСМ Анес Ахмети 938. Таму се пребројани гласовите од 87 отсто од избирачките места, така што победата на Јакуповски е сигурна.
Во октомври исто се натпреваруваа Јакуповски и Ахмети. Тогаш Јакуповски освои 1.857 гласови, а Ахмети 1.215. Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ на денешното гласање го задржа истиот број гласови, додека оние на Ахмети се осипаа.
По неуспешните избори во октомври Владата го назначи Онер Јакуповски за повереник на општината и му обезбеди стартна предност. Тој беше директор на Националниот парк „Маврово“ во време на владеењето на Никола Груевски.
Во Центар Жупа Аријан Ибраим од ДПТМ освоил 884 гласови. Таму треба да се пребројат гласовите од уште едно избирачко место. Ибраим беше единствен кандидат на изборите. Ова ќе биде негов трет мандат како градоначалник на Центар Жупа.
Податоците што ги објави ДИК единствено во Врапчиште имало зголемена излезност. До 18,30 часот таму гласале 8.659 лица или 31,76 отсто, во Гостивар 28,22 проценти или 23.363 гласачи, во Маврово-Ростуше 28,04 проценти или 2.965 лица, додека во општина Центар Жупа 13,18 проценти или гласале 997 избирачи.
Споредено со изборите во октомври 2025 година зголемување на одѕивот се бележи во Врапчиште и тоа за 7,35 проценти, а намалување има во Гостивар за 4,16 проценти, во Маврово и Ростуше 0,54 проценти и Центар Жупа каде е регистрирано намалување од 8,12 проценти.