Трамп барал план за инвазија на Гренланд, генералите биле против

Извори велат дека политичките „јастреби“ околу американскиот претседател, предводени од политичкиот советник Стивен Милер, се толку охрабрени од успехот на операцијата за заробување на лидерот на Венецуела, Николас Мадуро, што сакаат брзо да дејствуваат за да го освојат островот пред Русија или Кина да преземат некаков потег.

Доналд Трамп им наредил на своите команданти на специјалните сили да изготват план за инвазија на Гренланд – но наидува на отпор од високи воени личности, дознава британскиот весник „Мејл он сандеј“.

Извори велат дека политичките „јастреби“ околу американскиот претседател, предводени од политичкиот советник Стивен Милер, се толку охрабрени од успехот на операцијата за заробување на лидерот на Венецуела, Николас Мадуро, што сакаат брзо да дејствуваат за да го освојат островот пред Русија или Кина да преземат некаков потег.

Британските дипломати веруваат дека Трамп е мотивиран и од желбата да ги одвлече американските гласачи од перформансите на американската економија пред среднорочните избори подоцна оваа година, по што би можел да ја изгуби контролата врз Конгресот од демократите.

Но, таков драматичен потег би довел до колапс на НАТО.

Според изворите, претседателот побарал од Заедничката команда за специјални операции да го подготви планот за инвазија, но на него се спротивставуваат заедничките началници на генералштабовите со образложение дека би бил нелегален – и дека нема да биде поддржан од Конгресот.

Еден извор рече: „Тие се обидоа да го одвлечат вниманието на Трамп зборувајќи за помалку контроверзни мерки, како што се пресретнување на руски ‘сенишни’ бродови – тајна мрежа од стотици бродови управувани од Москва за да ги избегнат западните санкции – или започнување напад врз Иран“.

Дипломатите воено симулираа она што го опишуваат како „ескалаторно сценарио“ според кое Трамп користи сила или „политичка принуда“ за да ги прекине врските на Гренланд со Данска.

Еден дипломатски каблограм го опишува „најлошото“ сценарио како водење кон „уништување на НАТО одвнатре“.

Во него се додава: „Некои европски претставници се сомневаат дека ова е вистинската цел на тврдокорната фракција МАГА околу Трамп. Бидејќи Конгресот нема да му дозволи на Трамп да излезе од НАТО, окупацијата на Гренланд би можела да ги принуди Европејците да го напуштат НАТО. Ако Трамп сака да го уништи НАТО, ова може да биде најзгодниот начин да се направи тоа“.

Според „Компромисното сценарио“, Данска би се согласила да му даде на Трамп целосен воен пристап до Гренланд и да им го одбие пристапот на Русија и Кина.

Иако Америка веќе има слободен пристап до островот, тоа би било ставено на правна основа.

Во каблограмот се вели: „Од внатрешни политички причини, Трамп може да започне со ескалациско сценарио кое се префрла на компромисно сценарио.

Европските претставници стравуваат дека, за Трамп, прозорецот на можности пред среднорочните избори се затвора на лето, па затоа се очекува акција порано отколку подоцна. Самитот на НАТО на 7 јули изгледа како природен момент за компромисен договор“.

Дипломатски извор рече: „Генералите мислат дека планот на Трамп за Гренланд е луд и нелегален. Затоа се обидуваат да го одвратат со други големи воени операции. Велат дека е како да се работи со петгодишно дете“.

Преземено од Фокус