
Семејството на Стивен, кој загина во Кран-Монтана, бара донации за погребот
Семејството на 16-годишниот Стивен Ивановски, кој загина во пожарот за новогодишната прослава во „Констеласион“ во Кран-Монтана, Швајцарија, бара донации за да ги покрие трошоците на закопот на момчето. На прославата Стивен бил со својата сестра, која за среќа е меѓу преживеаните.
Шеснаесетгодишниот Стивен Ивановски, по потекло од делчевскиот регион, кој трагично го загуби животот во пожар во бар во Швајцарија за време на новогодишната ноќ, вчера беше погребан. Последното збогување се одржа на гробиштата во Орон-ла-Вил, соопшти македонското друштво „Пианец“.
„Стивен Ивановски имаше само 16 години. Како и многу други млади, тој замина во Кран-Монтана со својата постара сестра за да го прослави дочекот на Новата година — момент на радост, безгрижност и надеж. Таа ноќ, судбината удри со незамислива сила. Стивен го загуби животот во тој бар. Неговата сестра, која излезе малку на воздух, за среќа преживеа. Трагичен сплет на околности. Случајност. Страшната судбина на ова братство. Отсуство што ќе остави огромна и неизбришлива празнина”, објавија од Пианец.
Со цел да му се помогне на семејството во овие тешки моменти, отворена е сметка за донации. Хуманитарната акција е со цел покривање на погребните трошоци и обезбедување финансиска поддршка за семејството, кое покрај длабоката тага се соочува и со дополнителни материјални грижи.
Од друштвото изразуваат благодарност до сите кои веќе донирале и истакнуваат дека секој, дури и најскромен гест, значи многу за најблиските на Стивен.

Во пожарот што избувна во барот за време на новогодишниот дочек, животот го загубија над 40 млади лица, а повеќе од 100 беа повредени.
Според првичните информации, пожарот бил предизвикан од употреба на пиротехника – фонтани-прскалки, кои го запалиле плафонот, по што огнот брзо се проширил низ објектот.