Политички тензии во Кипар по видео на Икс за „црни пари“ за кампањата на претседателот Христодулидис

Видео објавено на платформата Икс, снимено со скриена камера, според кое блиски соработници на кипарскиот претседател Никос Христодулидис разговараат за „црни пари“ за финансирање на кампањата за претседателските избори, предизвика политички тензии на Кипар, а официјалниот став на Никозија е дека станува збор „производ на монтажа“ и се разгледува како „случај на хибридна активност против Република Кипар“, јави дописничката на МИА од Атина.

Видео објавено на платформата Икс, снимено со скриена камера, според кое блиски соработници на кипарскиот претседател Никос Христодулидис разговараат за „црни пари“ за финансирање на кампањата за претседателските избори, предизвика политички тензии на Кипар, а официјалниот став на Никозија е дека станува збор „производ на монтажа“ и се разгледува како „случај на хибридна активност против Република Кипар“, јави дописничката на МИА од Атина.

Потеклото на видеото што трае нешто помалку од осум и пол минути е непознато, објавено е на Икс од профил под името Емили Томпсон, која се претставува како независна истражувачка и пишува дека го добила видеото според кое претседателот Никос Христодулидис „го прекршил лимитот за финансирање на кампања од еден милион евра преку лукава семејна мрежа“.

Во видеото се појавуваат поранешниот министер за енергетика Јоргос Лакотрипис, директорот на кабинетот на претседателот Хараламбос Хараламбус и Јоргос Хрисохос директор на групацијата „Cyfield“, најголемата градежна компанија на Кипар и се чини дека се снимени со скриена камера за време на приватни разговори.

Според кипарските медиуми, Хрисохос го окарактеризира видеото како лошо монтирано, негирајќи дека неговите изјави се однесуваат на претседателот Христодулидис, а поранешниот министер Лакотрипис поднел пријава до полицијата и посочил дека лицата со кои се сретнал и разговара со нив во видеото се претставиле како холандски инвеститори.

Портпаролот на кипарската Влада Константинос Летибиотис во писмената изјава издадена вчера посочи дека „врз основа на првичната процена на надлежната државна служба видеото е оценето како злонамерно и како производ на монтажа“ и со видеото „се прави обид, преку лажни и манипулативни тврдења и произволни заклучоци, да се наруши угледот на Владата и државата“.

– Врз основа на дополнителна истрага и податоците што веќе се собрани од надлежната служба, се разгледува случај на хибридна активност против Република Кипар. За случајот се информирани јавниот обвинител и началникот на полицијата, соопшти Летибиотис.

Според весникот „Филелефтерос“ доцна синоќа кипарскиот претседател одржал состанок со јавниот обвинител и началникот на Кипарската разузнавачка служба.

– Информациите и индикациите што се разгледуваа до вчера покажуваа дека профилот од кој беше објавен конкретниот материјал е поврзан со странски интереси и служби на земја која има корист од нанесување штета на Република Кипар, особено во овој период кога го има Претседателство на Советот на Европската Унија, пишува весникот.

Видеото предизвика силни политички реакции на Кипар, лидери на политички партии и дел од пратениците побараа јасни објаснувања од претседателот.