
Почина Георги Сталев Поповски, врвен автор и интелектуалец
Проф. д-р Георги Сталев Поповски почина на 30 декември 2025 год. во деведесет и петтата година од животот , истакнат поет, прозаист, преведувач, драмски писател, научен работник и поранешен универзитетски професор, доктор по филолошки науки. Погребот е извршен на 3 јануари 2026 година, во кругот на семејството. За евентуална комеморативна седница Деканатот на Филолошки факултет, дополнително ќе извести.
Проф. д-р Георги Сталев Поповски почина на 30 декември 2025 год. во деведесет и петтата година од животот , истакнат поет, прозаист, преведувач, драмски писател, научен работник и поранешен универзитетски професор, доктор по филолошки науки. Погребот е извршен на 3 јануари 2026 година, во кругот на семејството. За евентуална комеморативна седница Деканатот на Филолошки факултет, дополнително ќе извести.
Георги Сталев Поповски (1930, Витолиште – 2025, Скопје) е поет, прозаист, драмски писател, книжевен критичар и преведувач. Се школувал во Белград, Прилеп и Скопје. Дипломирал на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје, на Катедрата за историја на книжевностите на народите на ФНРЈ. Подоцна докторирал на истата катедра со труд од областа на версификацијата (Македонскиот верс – 1965 година, подоцна објавен во книгоиздателството Македонска книга).Со литература започнува да се занимава во 1947 година, а од 1953, во периодиката објавува книжевно-историска, теориска и театарска критика. Работниот век го минува како универзитетски професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, предавајќи современи јужнословенски книжевности. Бил долгогодишен уредник на списанието „Современост“. Еден е од првите членови на Македонскиот П.Е.Н. центар и на Друштвото на писателите на Македонија (1956). Бил министер за култура при Извршниот совет на Социјалистичка Република Македонија (1978-1982) и координатор на школскиот систем на нашите иселеници во Сиднеј, Австралија (1983). Георги Сталев Поповски е добитник на престижни награди и признанија: државните награди за животно дело, „11 Октомври“, „Климент Охридски“ и „13 Ноември“; наградата „Димитар Митрев“ за книжевна критика и есеистика (двапати); „Златен лавров венец“ за најдобар драмски текст на фестивалот Мали и експериментални сцени/МЕС-Сараево (1972); Медал од Фондот на Лермонтов (Мос- ква); награда за препев „Григор Прличев“ и награда за книжевен превод „Кирил Пејчиновиќ“. Автор е на 5 поетски книги, 5 драмски текста, 2 романа, 1 книга раскази, многу препеви, преводи и критички есеи.
Неговиот вроден усет за ритмика и метрика, како и солидните музички познавања ќе го насочат Георги Сталев и кон пишување либрета за опери, па дури и кон компонирање музика за детски претстави. Георги Сталев Поповски припаѓа на првата повоена генерација македонски писатели и интелектуалци, кој, покрај широката и плодна наставно-научна дејност, се профилира во еден од најистакнатите македонски полиграфи и полиглоти, кој со својот импресивен научен, книжевен и преведувачки опус постави високи стандарди во македонската книжевност и култура. Во таа насока во 2011 година, на иницијатива на Катедрата за македонска и јужнословенски книжевности, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, е организиран дводневен научен собир посветен на сестраниот творечки лик на проф. д-р Георги Сталев Поповски, кој се вгради во дејноста на Филолошкиот факултет и како исклучителен професор, но и како книжевен историчар, критичар и еден однајактивните книжевните преведувачи.
Сталев бил во два мандата претседател на Друштвото на македонските книжевни преведувачи.
Интересно е дека Сталев има препеано седум-осум песни од Блаже Конески на руски јазик. Тие препеви се емитувани преку редакцијата за школски емисии на Радио Скопје во емисијата посветена на рускиот јазик и, во таа смисла, на поезијата на Блаже Конески. Исполнители на препеаните стихови биле професор Михаил Олењин и Мира Олењина. Подоцна нив Сталев ги објавил во Огледало, органот на Друштвото на македонските книжевни преведувачи.