Над 40 отсто од трошоците за здравство во Македонија ги плаќаат пациентите

Според податоците од Европската комисија, повеќе од 40 проценти од вкупните здравствени трошоци во Македонија паѓаат директно на товар на пациентите. Тоа ги тера граѓаните, поради долгите листи на чекање и недостигот од специјалисти, да бараат услуги во приватниот сектор, дополнително оптоварувајќи ги семејните буџети.

Според податоците од Европската комисија, повеќе од 40 проценти од вкупните здравствени трошоци во Македонија паѓаат директно на товар на пациентите. Тоа ги тера граѓаните, поради долгите листи на чекање и недостигот од специјалисти, да бараат услуги во приватниот сектор, дополнително оптоварувајќи ги семејните буџети.

Изминатата година, ФЗОМ се погрижи цената на јавното здравство уште повеќе да се зголеми со одлуката да ја смени висината на партиципацијата која сега е повисока од 50 па до 100 насто.

Во анализата на „Мета“ стои дека недостигот од медицински кадар остана еден од најгорливите проблеми и во 2025 година. Како продолжение на состојбата од претходните години, јавното здравство се соочува со недоволен број специјалисти, а младите лекари и специјализанти, по завршувањето на образованието, сè почесто се одлучуваат за работа во приватните клиники или заминуваат во странство. Проблемот е нотиран и во последниот извештај на Европската комисија, во кој се посочува дека соодносот на медицински сестри на 100.000 жители е под просекот на Европската унија, а одливот од јавниот кон приватниот сектор продолжува.

Иако финансирањето на јавното здравство е зголемено, според „Мета“ системот и понатаму се соочува со сериозни слабости. Граѓаните плаќаат високи директни трошоци за здравствена заштита, што претставува значајна пречка за еднаков пристап до услуги, покажа годинашниот извештај на ЕК за напредокот на Македонија.

„Граѓаните и натаму плаќаат висока цена за здравствената услуга, односно, 41,7 проценти од вкупните трошоци паѓаат директно на товар на пациентите, што претставува сериозна пречка за еднаков пристап до здравствена заштита. Иако системот за е-здравство и мобилната апликација се унапредени, системот за закажување термини не функционира соодветно и не е поврзан со базата на податоци на Фондот за здравствено осигурување“, наведено е во извештајот на ЕК за напредокот на земјава кон ЕУ.

„Кампањите за рано откривање на рак продолжуваат, но опфатот останува ограничен, а Регистарот за рак бележи пораст на заболени и смртни случаи. Иако се планирани повеќе пари и нови лекови за ретки болести, тие опфаќаат само околу една третина од пациентите. Вакцинацијата е благо зголемена, а трансплантациите на крв, ткива и органи растат, но сепак, законската рамка сè уште не е целосно усогласена со европските стандарди“, утврди ЕК.

Во извештајот на ЕК пишуваше и дека „иако системот за е-здравство и мобилната апликација се унапредени, системот за закажување термини не функционира соодветно и не е поврзан со базата на податоци на Фондот за здравствено осигурување“.

И во 2025 ресорот здравство остана меѓу секторите најподложни на корупција. И покрај воведените критериуми за цени на услуги и лекови и подобрените процедури за лекување во странство, истрагите за злоупотреби продолжуваат. Европската комисија препорачува засилена дигитализација, поголема транспарентност и јакнење на интегритетот во здравствениот систем, како предуслови за поефикасна и пофер здравствена заштита.