Во 2025 година највисоката измерена температура во Грција била 45,8, а најниската минус 16,3 степени

На 25 јули 2025 година во Скала на Пелопонез биле измерени рекордни 45,8 степени Целзиусови со што е и највисоката температура во Грција за минатата година, додека пак најниската била минус 16,3 степени во скијачкиот центар Кајмакчалан, според годишниот метеоролошки преглед на Националната опсерваторија и порталот Метео, јави дописничката на МИА од Атина.

Според податоците, летото во 2025 година било третото најтопло во историјата на земјата, а десетте највисоки максимални температури меѓу 43,9 и 45,8 степени биле измерени во централна Грција, на Пелопонез и на Евија.

Во однос на најниските температури, вон скијачките центри, рекордот е во Неврокопи во северна Грција со минус 11,8 степени.

Петте најтопли области за 2025 година се Линдос на островот Родос со просечна годишна температура од 21,9 степени, островот Кастелоризо (со 21,7 степени) и три делови на Ханија на Крит со просечна температура од 21 степен.

Петте најстудени области за 2025 година со просечна годишна температура меѓу 10 и 10,8 степени се Мавролитари во централна Грција, Пертули кај Трикала, Власти кај Козани и Вовуса и Мецово кај градот Јанина.

Најголемото дневно количество врнежи во 2025 година било регистрирано на 21 ноември во Катарактес кај Арта во западна Грција со 326 милиметри дожд, односно 326 литри на квадратен метар, а на годишно ниво, најголемо количество врнежи имало на островот Крф, со 2.202 мм, односно 2.202 литри на квадратен метар.

Во јануари, март, јуни, јули, септември, ноември и декември температурата била повисока од нормалните вредности, во февруари, април и октомври имало негативни температурни отстапувања од нормалните температури, додека во мај и август температури биле блиску до нормалните вредности.