
Родителите од Кочани за трагедијата во Швајцарија: Од срце сме со вас како луѓе кои ја носат истата рана
-Ние, семејствата на починатите во пожарот во „Пулс“ – Кочани, знаеме што значи ненадејно да ти се урне светот. Знаеме како боли кога ќе остане празно столче, кога тишината зборува погласно од зборовите, кога секој здив е тежок. Нашите мисли, молитви и срца се со семејствата на загинатите, со повредените и со сите кои ја носат оваа незамислива болка. Од срце сме со вас — не како набљудувачи, туку како луѓе кои ја носат истата рана.
Родителите и семејствата на загинатите во трагедијата во Кочани реагираа со голема емпатија на трагедијата во швајцарскиот зимски центар Кран-Монтана, каде што најмалку 47 лица ги загубија животите откако настана пожар во бар.
Членовите на „Здружението на граѓани 16-ти март 2025 година“, кои и самите ја преживеале трагедијата на ненадејно губење на најблиските во огнена стихија, упатија писмо со сочувство до Швајцарската амбасада. Како што наведуваат, веста за пожарот во Кран-Монтана ги вратила во денот кога нивните животи засекогаш се поделиле на „пред“ и „по“.
„Ние, семејствата на починатите во пожарот во „Пулс“ – Кочани, знаеме што значи ненадејно да ти се урне светот. Знаеме како боли кога ќе остане празно столче, кога тишината зборува погласно од зборовите, кога секој здив е тежок. Нашите мисли, молитви и срца се со семејствата на загинатите, со повредените и со сите кои ја носат оваа незамислива болка. Од срце сме со вас — не како набљудувачи, туку како луѓе кои ја носат истата рана.
Во вакви моменти, единственото што има вистинска вредност е човечноста, солидарноста и подадената рака. Да знаеш дека не си сам во болката. Изразуваме најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите. На повредените им посакуваме сила и надеж за закрепнување.
Стоиме на располагање за сè што можеме да помогнеме — со разбирање, со тивка поддршка и со срце што знае. Нека почиваат во мир оние што заминаа, а на живите нека им биде дадена сила да продолжат“, стои во објавата на Здружението.
Катастрофален пожар на новогодишна забава во бар во луксузниот скијачки центар Кран-Монтана во Швајцарија предизвика шок и разочарување. Најмалку 47 лица загинаа, а 115 беа повредени, повеќето од нив сериозно.
„Ова е една од најлошите трагедии во историјата на оваа земја. Ние сме уништени“, изјави швајцарскиот претседател Ги Пармелен, кој го нарече настанот „драмата во Кран-Монтана“.