Живееме подолго, но сме помалубројни: повеќе умрени од родени, сè помалку бракови, сè повеќе разводи

Очекуваниот животен век во Македонија минатата година се зголеми за една година и достигна 76,6 години, но земјата продолжува да се соочува со негативен природен прираст. Се родиле 16 061 деца, а починале 20 201 лица, што значи намалување на населението за над 4 000 жители. Позитивен прираст имало само во Скопскиот регион, додека во останатите региони бројот на починати значително го надминал бројот на родени.

Очекуваниот животен век во Македонија се зголеми за една година и достигна 76,6 години, но земјата продолжува да се соочува со негативен природен прираст. Во 2024 година се родиле 16 061 деца, а починале 20 201 лица, што значи намалување на населението за над 4 000 жители. Позитивен прираст имало само во Скопскиот регион, додека во останатите региони бројот на починати значително го надминал бројот на родени.

Позитивен прираст имало само во Скопскиот регион, најмногу во Сарај (+8,4) и Чаир (+5,5 на 1 000 жители). Најголем пад имало во Ново Село (-14,8) и Новаци (-13,7). Бројот на бракови лани се намалил за 1 600, а разводите се зголемиле за 259. Најмногу разводи на 1 000 бракови имало во Вардарскиот, Источен и Југоисточен регион – над 200.

Ова го покажуваат податоците од „Статистичкиот годишник на Република Северна Македонија 2025“, објавен од Државниот завод за статистика.

Просечниот очекуван животен век во земјава е зголемен за една година на 76,63 години, споредено со 75,32 во 2023 година. Подолговечни се жените со просек од 78,86 години, односно речиси четири ипол години повеќе од мажите чиј животен век е 74,48 години.

Во последните шест години, од 2019 година земјава има негативен природен прираст. За една година во земјава се родиле 16 061 дете, а починале 20 201 лице, што е намалување од 4 140 лица.

Само за една година бројката на живородени деца е намалена за речиси 700, од 16 737 во 2023, на 16 061 во 2024 година.

По региони само во Скопскиот изминатата година имало позитивен природен прираст, а во сите останати негативен. Во четири региони – Пелагонискиот, Вардарскиот, Источен и Југоисточен негативниот прираст на 1 000 жители бил над 4, што е речиси двојно повеќе од просечниот на ниво на држава – 2,3.

Во Скопје најголем природен прираст имало во Сарај +8,4 и Чаир +5,5 на 1 000 жители, а најмал природен прираст во Кисела Вода-4,2 и Карпош-3,9 на 1 000 жители.

На ниво на држава, најголем природен прираст имало во Арачиново +10,5 и Студеничани +9,7, Сарај +8,4, Липково +6,2, Чаир +5,5, Зелениково +5,3 и Шуто Оризари +5,2.

Најмал природен прираст на ниво на држава имало во Ново Село-14,8, Новаци-13,7, Старо Нагоричани-13,6, Кратово-12,8, Берово и Чешиново и Облешево по-10,3 и Росоман-10,2.

Бројот на живородени деца во последните десетина години е во постојан пад, од 23 002 во 2016 година. Најголем негативен природен прираст има во 2021 година, кога се родиле 18 648, а починале 28 516 лица, што е намалување на населението од – 9 868 лица.

Најголем дел од живородените деца 42,7 проценти се првородено, 38,1% второродени, 13,2% третородено, 3,7% четвртородени и 1% петтородено. Според возраста на мајката најголемиот дел од децата 31,8% биле од мајки на возраст меѓу 25 и 29 години и 30,8% на мајки на возраст меѓу 30 и 34 години.

Најчеста причина за смртта се болести на циркулаторниот систем (36,6%), неоплазми (19,6%) и Ендокрини, нутритивни и метаболички болести (7,7%).

Минатата година бројот на склучени бракови е намален за 1 600 на 11 066, додека бројот на разведени бракови е зголемен за 259 на 2 024.

По региони најмногу склучени бракови на 1 000 жители има во Полошкиот регион – над 7,5, а најмалку во Пелагониски и Вардарски – под 5,5.

Минатата година во просек на 1 000 склучени бракови имало 183 разведени. Најмногу разведени бракови минатата година на 1 000 склучени имало во Вардарски, Источен и Југоисточен регион – над 200, а најмалку во Североисточен регион – помалку од 140.

По општини најмногу разведени бракови на 1 000 жители имало во Зрновци – 888, Лозово – 500, Росоман – 461, Градско – 437, Делчево – 386, Дојран – 363, Гевгелија – 319, Кавадарци – 316 и Центар – 308.

Најмалку разведени бракови на 1 000 жители имало во Вевчани и Центар Жупа – 0, Сопиште – 26,3, Липково – 32,4, Арачиново – 36, Сарај – 44 и Пехчево – 45,5.