
СДСМ: „Ги поставија своите судии и почнаа со репресијата“
Од СДСМ тврдат дека со поставување „свои судии и обвинители“ е укинато независното судство и обвинителство, а правдата е ставена под целосна контрола на владејачките партии ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ. Како пример ја посочуваат денешната пресуда против поранешниот директор на затворот и член на Извршниот одбор на СДСМ, Филип Андонов.
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска ја обвини власта за, како што наведуваат, започнување на репресија и политички прогон врз партиските функционери преку нарачани судски пресуди.
Од СДСМ тврдат дека со поставување „свои судии и обвинители“ е укинато независното судство и обвинителство, а правдата е ставена под целосна контрола на владејачките партии ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ. Како пример ја посочуваат денешната пресуда против поранешниот директор на затворот и член на Извршниот одбор на СДСМ, Филип Андонов.
„По носењето декрети и ограничувањето на слободата на говор, сега гледаме нарачани судски пресуди и законски казни за функционерите на СДСМ“, соопштија од партијата, оценувајќи дека станува збор за последна фаза од, како што ја нарекуваат, кампањата на власта – фаза на репресија.
Според СДСМ, институциите не реагираат на скандалите, пријавите за криминал и корупција кои ги објавува опозицијата, додека, како што велат, „брзо и лесно“ се носат пресуди против нивни функционери. Истовремено, партијата обвинува дека вистинските криминалци од редовите на власта се збогатуваат преку криминални тендери.
Од СДСМ порачаа дека, и покрај притисоците и судските постапки, нема да се откажат од борбата и дека, како што велат, „работата не е завршена“, најавувајќи продолжување на политичката борба против актуелната власт.