
ДКСК следната година ќе ја следи имотната состојба на 60 функционери
Шеесет функционери, десет судии, десет јавни обвинители, десет пратеници, десет министри, десет градоначалници и десет лица на кои во 2025 година им престанала функцијата градоначалник ќе бидат опфатени во Годишниот план за следење на имотната состојба и судирот на интереси на Државната комисија за спречување на корупцијата за 2026 година, а нивните имиња ќе бидат утврдени следниот месец.
Шеесет функционери, десет судии, десет јавни обвинители, десет пратеници, десет министри, десет градоначалници и десет лица на кои во 2025 година им престанала функцијата градоначалник ќе бидат опфатени во Годишниот план за следење на имотната состојба и судирот на интереси на Државната комисија за спречување на корупцијата за 2026 година, а нивните имиња ќе бидат утврдени следниот месец.
ДКСК на денешната 26. седница го усвои Годишниот план за следење на имотната состојба и судирот на интереси за 2026 година, а нејзиниот претседател Адем Чучуљ рече дека ги зеле предвид препораките на Европската комисија при што одлучиле да биде зголемен бројот на функционерите, што ќе бидат опфатени.
Чучуљ појасни дека согласно член 19 од Законот за спречување на корупција и судирот на интереси во последните три месеци од тековата година ДКСК усвојува годишен план за наредната година, заснован врз проценката на ризикот од корупција, при што се земени предвид анализите од тековната и следната Национална стратегија.
Тој посочи дека при тоа се земаат предвид годишните планови од претходните години, односно се следи состојбата во областите, кои се сметаат за најподложни на корупција – праводуството, законодавната власт, извршната власт и локалната самоуправа.
-Имајќи ги предвид препораките од Европската комисија за зајакнување на следењето на имотната состојба од страна на ДКСК предлагаме да биде зголемен бројот на функционерите, опфатени во ова следење на итмотната состојба и судирот на интееси, на 60, рече Чучуљ.
Тој појасни дека имињата на судиите, обвинителите пратениците, министрите, сегашните и поранешните градоначалници ќе бидат утврдени во јануари, врз основа на анализа на податоците во електронската база на податоци.
ДКСК денеска ја усвои Програмата за работа за 2026 година. Како што појасни претседателот на ДКСК Адем Чучуљ во Програмата покрај стратешките определби на Комисијата во насока на исполнување на одредбите од законите со кои се опфаќа нејзината работа, при нејзината изработка земени се предвид и препораките од извештајот на Европската комисија во оваа област, препораките од ГРЕКО, мерките и активностите од Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025, како и Национаната стратегија 2026- 2030.
На седницата членовите на ДКСК го усоија и Годишниот план за спроведување на антикорупциска проверка на легислативата за 2026 година.
Чучуљ појасни дека овој процес се спроведува врз основа на годишен план и по донесени барања за мислење и доставени акти од други институции пред се од Владата и Министерството за правда и се врши врз основа на методлогија, која е донесена од страна на ДКСК.
Со планот, како што појасни тој, се опфатени дел од законите кои не биле завршени, а кои се содржани во планот за оваа година. Антикорупциската проверка, додаде Чучуљ, ќе се спроведува на законот за лобирање, законот за локална самоуправа, законот за вештачење, законот за финансирање на политички партии, правилникот за доделување лиценци за работа на здравствените работници со високо образование, на законот за заштита на културното наследство.
Членовите на ДКСК го изгласаа и ставањето вон сила на Упатство за рангирање на предметите за постапување на ДКСК по основ на доставени пријави, кое како што појасни Чучуљ е донесено на 12 февруари 2021, со цел да се регулира, односно да се рангираат предметите, кои се формираат во ДКСК.
Тој појасни дека до ДКСК пристигнуваат голем број пријави и одреден дел од нив се паушални и не се во надлежност на Комисијата. Чучуљ рече дека упатството не дало резултати, овозможувало субјективност во рангирањето и додаде дека со измените во Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси и Деловникот за работа дополнително ќе се регулира начинот за постапување по предметите и нивното рангирање.