Алкалоид со амбициозен бизнис-план за 2026: 361 милиони евра приходи, раст на добивката и нови инвестиции

Бизнис-планот за 2026 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи достапни за компанијата во моментот на изготвување на планот. Околностите и настаните во 2026 година, а со тоа и остварените резултати може да варираат од прикажаните во Бизнис-планот, велат од таму.

Алкалоид АД Скопје преку Македонската берза го објави Бизнис планот за 2026 година.

Истиот предвидува консолидирани продажби од околу 361 милиони евра, што претставува раст од 7% во однос на очекуваните за 2025 година.

Сегментно, по профитни центри, 91% од консолидираните продажби се очекува да ги реализира ПЦ Фармација, а 9% ПЦ Хемија, козметика и билкарство.

Се очекува 34% од консолидираните продажби да бидат остварени на домашниот пазар, додека, пак, 66% од извоз.

Планираниот Биланс на успех предвидува раст од 8% на консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (EBITDA).

Консолидиранaтa нето-добивка е предвидена со раст од најмалку 7% во однос на очекуваната за 2025 година.

-Прелиминарните проекции за 2025 година може да се разликуваат од конечните резултати.

Бизнис-планот за 2026 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи достапни за компанијата во моментот на изготвување на планот. Околностите и настаните во 2026 година, а со тоа и остварените резултати може да варираат од прикажаните во Бизнис-планот, велат од таму.

Бизнис-планот за 2026 година предвидува и инвестирање на околу 8% од консолидираните приходи од продажби во материјални и во нематеријални средства.

Истиот предвидува и раст од најмалку 10% на издатоците за истражување и развој, односно алоцирање на повеќето ресурси во овој сегмент, со цел натамошна модернизација на генеричкото портфолио, дополнето со патентирани производи со додадена вредност, посочуваат од таму.

-Следејќи ги плановите за раст и развој, во 2026 година очекуваме околу 50 нови вработувања во Алкалоид АД Скопје и во друштвата во странство. Продолжуваме со вложувањата во човечкиот капитал преку издвојување значителни средства за обуки и за други придобивки за вработените, наедно создавајќи предуслови за натамошно зголемување на просечната нето-плата по вработен, велат од таму.

Менаџментот на компанијата ќе продолжи и натаму со досегашната дивидендна политика соодветно на остварените резултати. Планот предвидува алоцирање на дел од нето-добивката на компанијата за дивиденда и за персонален данок, додека, пак, остатокот ќе биде за инвестиции.

Бизнис-планот на Алкалоид за 2026 година е донесен со одлука на Управниот одбор на компанијата на седницата одржана на 29.12. 2025 година.