
Две сообраќајни несреќи во кои учествувале пијани возачи се случиле во текот на изминатото деноноќие на територија на СВР Охрид и СВР Свети Николе.
Сообраќајката во Охрид се случила вчера во 10:25 часот на автопатот во изградба Охрид -Кичево, кај влезот за село Требеништа, општина Дебарца. Во сообраќајката учествувале патничко возило „рено меган“ со охридски таблички, управувано од В.П.(47) од Охрид, патничко возило „хјундаи“ со скопски таблички, управувано од З.С.(59) од Скопје и патничко возило „рено канго“ со охридски таблички, управувано од Н.Ѓ.(67) од село Требеништа.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил Д.С.(59) од Скопје, сопатник од возилото „хјундаи“, а со телесни повреди возачот З.С., констатирани во Специјалната болница „Св.Еразмо“ Охрид.
Приведен е возачот на „рено меганот“ В.П. затоа што е констатирано дека бил под дејство на алкохол, односно измерени му се 1,25 промили алкохол во крвта. По целосно документирање на случајот, против него ќе следува соодветна пријава по член 300 од Кривичниот законик.
Втората сообраќајка со возач под дејство на алкохол се случила во 18:48 часот на регионалниот пат во село Кадрифаково, светиноколско меѓу товарно возило „мерцедес“ со винички регистарски ознаки, управувано од И.М.(45) од Кочани и патничко возило „фолксваген голф“ со штипски регистарски ознаки, управувано од А.М.(44) од Штип.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот А.М., констатирани во Клиничка болница Штип, при што е констатирано дека тој бил под дејство на алкохол, односно измерени му се 2,56 промили алкохол во крвта. Поради сериозноста на повредите тој е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Извршен е увид од увидна екипа од ОВР Свети Николе.