Двајца загинати, 26 повредени во сообраќајна несреќа во Токио во која учествувале повеќе од 50 возила

Две лица загинаа, а 26 се повредени во сообраќајна несреќа во која учествувале повеќе од 50 возила на автопат во префектурата Гунма, северозападно од Токио, соопшти полицијата денес.

Две лица загинаа, а 26 се повредени во сообраќајна несреќа во која учествувале повеќе од 50 возила на автопат во префектурата Гунма, северозападно од Токио, соопшти полицијата денес.

Несреќата се случила околу 19:30 часот во петокот на излезната рампа од автопатот Кан-етсу во Минаками, каде што возилата, според полицијата, веројатно се лизнале на замрзнатиот пат за време на снежните врнежи, објави Кјодо.

Најмалку 10 возила се запалиле, а противпожарните екипи се бореле со пожарот повеќе од седум часа.

Полицијата соопшти дека верижната реакција се случила кога камион се судрил со друг камион кој застанал на патот по претходна несреќа со едно возило, што довело до серија судири на растојание од околу 300 метри.

Меѓу загинатите е и 77-годишна жена од Токио која била на задното седиште од автомобил управуван од член на семејството, додека телото на друга жртва е пронајдено на возачкото седиште од голем камион.

Дваесет и едно лице се здобило со полесни повреди, додека петмина се во сериозна состојба.

По несреќата, дел од автопатот бил затворен, а излезната лента била блокирана од тешко оштетени возила, од кои некои биле изгорени до непрепознатливост, објави „Кјодо“.

Во времето на несреќата, на возачите им било советувано да возат со брзина до 50 километри на час поради снежните услови.