
(ВИДЕО) Трилинг: Како ја завршуваме годината и што не очекува во 2026-та
➡Во последното издание на Трилинг за оваа година, ТВ магазинот го почнуваме со интервју со академик Абдулменаф Беџети претседател на Фискалниот совет, потоа следува разговор со Снежана Камиловска од МЦМС за битката со корупцијата и новиот Кривичен законик. Во емисијата гостува и пијанистот Бобан Мирковски , а ќе може да ја проследите и рубриката „Знаење што менува“ со сертифицираниот Мајкрософт тренер Гоце Аргиров.
„Оваа година стигнавме до околу милијарда евра трансфер од централниот буџет до Фондот за ПИОМ заради навремена исплата на пензиите коешто е резултат на линеарното зголемување на пензиите досега. Линеарното зголемување не би требало да продолжи, би требало да се врати во системското зголемување, односно индексирање, како што е регулирано во законите. Но тоа е одлука на Влада, изјави за магазинот „Трилинг“, академик Абдулменаф Беџети претседател на Фискалниот совет.

„Факт е дека пензискиот фонд е огромен терет, факт е дека тој не е одржлив и дека трендот е влошувачки, затоа што ако го гледаме односот помеѓу вработени и пензионери, а тој е 1,7 вработен кон еден пензионер, што значи недостижно е да се исплати таа пензија. Треба полека да се стигне до еден према два за да може Фондот да оди кон консолидација. Втор момент е дека од 2027 година дел од пензиите ќе почне да се сервисираат и од вториот столб што ќе го растерети буџетот за трансферите.
-Инаку само оваа година потребата за дополнителни трансфери е 200 милиони евра повеќе во однос на лани за да се задржи оваа динамика на исплата на пензии. Ова е резултат на покажувањето коешто беше направено – два пати по 2.500 денари“, вели академик Беџети.
Прашан дали може да се обезбеди фискална рамнотежа во ситуација на перманентно задолжување, а истовремено и враќање на стари долгови Беџети вели:
„Во однос на буџетот 2025 година, каде што дефицитот беше проектиран на 4%, во 2026 година дефицитот е проектиран на 3,5%, што значи оди кон постепена консолидација. Тоа е добро, не е доволно, но сепак е добро како тренд. Ново нето задолжување ќе биде 400 милиони евра, така се планираните потреби за да се финансира буџетот. Ако догодина растеме над 3%, или како што е предвидено3,8%, за што јас сум скептичен, тогаш ќе излезе дека нето долгот се намалува“, вели Беџети.
Околу оправданоста на барањата за зголемување на минималната плата, академик Беџети вели дека тие може да бидат оправдани во зависност од која точка се гледаат.
„Ако гледате во регионот, последните зголемувања беа во Албанија, но ако тоа се спореди со продуктивноста тогаш е тешко оправдано. Но во ред е ако социјалните партнери се договорат, но не на терет на државата“, вели Беџети.
Академикот деловната клима во Македонија ја оценува како модерирана.
„Модерирана, затоа што нема подобрување, во некои аспекти има и влошување. Ако го читаме и Извештајот на ЕК ќе видиме дека има и недоследности, дека има многу потфрлувања, и тоа е факт, без разлика што политичарите велат дека сме четврта, петта земја во Европа по стапка на раст. Стапката на раст може да биде и максимална, но тоа зависи од основата. Од еден на два растот е 100%. Високите стапки или модерираните стапки на раст се веќе минато во развиените земји“, смета Беџети.

Запрашан дали во услови кога немаме моќна опозиција и контрола врз јавните финансии и јавната потрошувачка, дали можеби треба да размислуваме за валутен борд, Беџети вели дека сме далеку од таа состојба.
„За валутен борд треба вонредни ситуации, доколку доаѓа до критична состојба. Мислам дека државата има институции коишто водат грижа во делот на ефективноста, ефикасноста на јавната потрошувачка. Од една страна е Државниот завод за ревизија, од друга страна и Фискалниот совет врши надгледување и дава извештаи на секои три месеци. Ние ги следиме во голема длабочина состојбите со фискалните трендови и тенденции“, вели Беџети.
Говорејќи на политички теми, за тоа зошто Македонија стагнира, и зошто како земја лидер пред десетина година сега сите не одминуваат, Беџети вели дека тоа е заради блокада од ЕУ по однос на теми од политички корпус.
„Ние имаме големи недостатоци во делот на структурните реформи, во делот на функционирањето на институциите и тн. Сето тоа ни е домашна задача. Имаме сѐ уште дуплирани надлежности, уште повеќе се создава конфузија. Се тужакаме дали се мали или високи платите и слично. На пример, парадокс е обвинителството да има повисоки плати од судството“, вели Беџети.
Прашан дали може долгорочно да велиме дека Бугарија ни е крива за застојот, Беџети смета дека не може еднострано да се прикаже виновноста.
„Мислам дека секој треба да си земе дел од таа вина. Не можеме ние целосно да се амнестираме ако остануваме со скрстени раце. Немаше денеска да бидеме во НАТО ако беше така. Но сепак тоа се тешки, сензитивни одлуки коишто треба да ги носат тие што имаат мандат за тоа. Лесно е јас како аналитичар да коментирам, но јас не излегувам потоа на избори да барам гласови. Но сепак, трендот е загрижувачки бидејќи ни се празни државата, ни бегаат младите. Од ден на ден ние имаме се помалку активно работно население, а уште помалку квалитетна работна сила. Имаме огромна асиметрија на пазарот на трудот, кадешто од една страната компаниите, работодавачите бараат квалификувани работници, а од друга страна нудиме, неквалификувани, неспремни кадри. Значи нудиме доброволна невработеност. Така што состојбата на пазарот на трудот ни е катастрофална“, вели Беџети.

„За жал извештајот за проценка на корупцијата за 2025 година ни покажува едни поразителни податоци за состојбата кај граѓаните со борбата против корупцијата. Односно 36,7% од граѓаните и биле под притисок да сторат некакво коруптивно дело, а 30,7% го сториле истото. Во превод – околу 448 000 граѓани во оваа држава биле и сториле некаква форма на коруптивно дело. Тоа ни ја покажува сликата дека граѓаните со цел да си ги завршат работите во институциите коишто по редовен пат треба да ги завршуваат на едноставен и брз начин, поради немањето можности се користи она народски кажано „фаќање врски“ и сторување на некаква корупција, се со цел да можат тековните животни активности да си ги продолжат.
-Ова е поразувачко, особено ако го споредиме со претходниот извештај од 2023 година, каде што се гледа драстично покачување на индексот за пред 5% поени, односно за само две години тој индекс е покачен за толкав процент. Дополнително, кога оваа бројка на лица коишто на некаков начин биле вклучени во корупција ќе ја споредиме со бројката којашто ја прибираме за лица кои биле осудени за злоупотреба на службена должност или поткуп, која што во 2024 година е 73 лица, ние доаѓаме до стапка на ефикасност и ефективност на институциите од 0,016%. Тоа ни го покажува поразот на системот во којшто живееме и спремноста на институциите ревносно да се борат со корупцијата, изјави во магазинот „Трилинг“ Снежана Камиловска од МЦМС.

Говорејќи за новите измени во Кривичниот законик, каде што се вели дека министри, директори, полицајци нема да одговараат за корупција и дали со овие измени може да се врати довербата во судството и дали власта со овие измени што се најавуваат всушност ја зацементира неказнивоста во справувањето со корупцијата, Камиловска вели дека веднаш по излегувањето на самите измени на Кривичниот законик од страна на предлог на пратениците, Платформата на граѓански организации за борба против корупција испрати своја реакција до јавноста со којашто побара да не се доведуваме во ситуација да се носат измени на брза трака коишто на долг рок нема да обезбедат квалитетно и суштинско решение.
„Ова го побаравме од причина што повторно се доведуваме во ситуација, при имање на активна работна група којашто работи на новиот кривичен закон, ние преку група пратеници, како што беше и во 2023 година, да се дадат предлози за измени на самиот овој закон коишто пред сѐ не се консултирани со пошироката јавност и од тие причини не се земени предвид сите забелешки коишто пошироката јавност, експертската јавност ги имаше за самите измени коишто се донесоа во 2023 година.
-Измените во членот 353 и во претходниот круг ја направи таа правна празнина за едноставно за сите дела поврзани со корупција да не можат да се гонат, и сега ја гледаме повторно измената на тој исти член, каде што под закрила дека сакаме да го вратиме старото решение, се предлагаат овие измени. Но ова не е враќање на старото решение. Особено стеснување на поимот корист може да направи голема штета. Со сегашниот предлог се оди на имотна корист, којшто е многу потесен поим од оној поширокиот – корист, со што може пошироки облици на злоупотреби да бидат опфатени. Имотната корист пред сѐ се фокусира на јавните набавки, но сета онаа друга корист која што може да биде направена во текот на мандатот на определено избрано именувано лице со овој член се стеснува, односно се оневозможува“, вели Камиловска.

„За среќа ние како нација сме многу талентирани и децата коишто доаѓаат покажуваат голем интерес и тоа многу ме радува. Има голем ентузијазам и се надевам дека тоа така и ќе продолжи“, изјави во „Трилинг“ пијанистот Бобан Мирковски околу тоа дали кај младата генерација препознава успешни, талентирани пијанисти.
За тоа зошто во Македонија доминира турбо фолкот, српската музика, а не домашната македонска, класиците, Мирковски вели дека тоа е наш долгогодишен проблем.
„Гледам дека ние години наназад сме склони кон тоа да примаме нешто што доаѓа од странство. Кога станува збор за музиката, па и за сите други уметности, нашата држава изобилува со екстремен квалитет. Се надевам дека сме на добар пат да го сфатиме она што го имаме како квалитет и како културно наследство, за да можеме да го цениме доволно, па и да го надградуваме“, вели Мирковски.
„Ние не можеме да избегаме од нашиот фолклор. Нашата фолклорна музика е многу податна за реаранжирање и транскрипции и мислам дека сѐ уште не сме го откриле целосното наше богатство кое го имаме во фолклорната музика, така што се надевам дека се повеќе и повеќе ќе откриваме како богатство имаме за да го развиваме понатаму“, смета Мирковски.

Во „Трилинг“ зборуваме за знаење што менува кариери и за луѓе кои ја носат иднината поблиску до сите нас. Наш гостин е Гоце Аргиров, Microsoft Certified Trainer со меѓународно реноме и еден од најбараните тренери за најновите Microsoft технологии во светот.
Гоце има обучувано професионалци од компании како Volvo, Boeing, Microsoft, Shell, NATO и Обединетите нации, а неговиот фокус е токму таму каде што се креира иднината – во екосистемот на Microsoft Copilot, AI услуги и интелигентни агенти.
Со практичен пристап, динамичен стил и јасна визија, тој инспирира илјадници луѓе ширум светот да напредуваат и да станат лидери во својата област.
Во „Трилинг“ со поддршка на Семос Едукација разговараме за тоа како AI и Copilot агентите ја менуваат секојдневната работа.
Целото издание на магазинот „Трилинг“ со Горазд Чомовски погледнете го во видеото