Прифатена иницијативата за дислокација на УСЈЕ

За првпат по долго време, сите советнички групи во Советот на Град Скопје застанаа на иста страна со граѓаните. По маратонска седница што траеше 13 часа, едногласно беше поддржана иницијативата на „Зелен хуман град“ (ЗХГ) за започнување постапка за дислокација на фабриката „УСЈЕ“ надвор од Скопје.

За првпат по долго време, сите советнички групи во Советот на Град Скопје застанаа на иста страна со граѓаните. По маратонска седница што траеше 13 часа, едногласно беше поддржана иницијативата на „Зелен хуман град“ (ЗХГ) за започнување постапка за дислокација на фабриката „УСЈЕ“ надвор од Скопје.

Со донесените заклучоци, Градот се обврзува активно да го следи целиот процес, а институциите да одговорат дали индустриските капацитети ги почитуваат еколошките стандарди и закони.

Во усвоената иницијатива се предвидува:

Град Скопје да поднесе официјално барање до Министерството за животна средина за целосна проверка на работењето на „УСЈЕ“ и останатите големи загадувачи, со утврдување дали ги исполнуваат условите од нивните дозволи и важечката регулатива. Министерството е задолжено во најкус можен рок да ги достави резултатите.

Паралелно, од Државниот инспекторат за животна средина се бара да спроведе низа ненајавени, вонредни инспекциски надзори. Целта е да се утврди реалната состојба на терен, почитувањето на лимитите на емисии и примената на заштитни мерки за здравјето на граѓаните.

Општина Кисела Вода, врз основа на наодите од инспекциските и институционалните извештаи, ќе мора особено внимателно да постапува при креирање на идните детални урбанистички планови и другите плански документи. Истата обврска важи и за останатите скопски општини и за Градот Скопје, со цел да се обезбеди усогласено и одржливо планирање.

Дополнително, градоначалникот на Град Скопје ќе побара од Владата да отвори постапка за дислокација на „УСЈЕ“ — како и на другите големи индустриски капацитети — на локации надвор од скопската котлина, согласно Законот за животна средина и Просторниот план.

Заклучокот ќе биде доставен до Владата, Министерството за животна средина, Државниот инспекторат и сите општини во градот.

Од ЗХГ порачаа дека ова е историски момент за Скопје и најавија дека ќе го следат секој чекор од процесот, за како што велат — здравјето на граѓаните да стане приоритет број еден.