
Семејствата на жртвите од „Пулс“ се сомневаат дека токсиколошките анализи за смртта се нецелосни
Здружението на граѓани „16-ти Март 2025“ алармира за сериозен јаз меѓу институционалните тврдења и обдукциската документација, што отвора прашања дали вистинската причина за смртта на жртвите во клубот е соодветно утврдена.
Здружението на граѓани „16-ти Март 2025“ алармира за сериозен јаз меѓу институционалните тврдења и обдукциската документација, што отвора прашања дали вистинската причина за смртта на жртвите во клубот е соодветно утврдена.
Иако Основното јавно обвинителство (ОЈО) се повикува на анализи од Институтот за хемија и МВР кои ја потврдуваат веројатноста за присуство на цијанидни гасови при согорувањето на материјалите, семејствата тврдат дека клучните токсиколошки докази недостасуваат.
Според здружението, постојат три неспоиви факти кои фрлаат сомнеж врз досегашната истрага:
- Ниски вредности на CO: Кај поголем дел од починатите, нивото на јаглерод моноксид (CO) било ниско или нефатално, што медицински не кореспондира со официјалниот заклучок дека причина за смртта е исклучиво задушување од CO.
- Недостапни анализи: Иако во обдукцискиот налог е наведено дека се земени примероци за дополнителни токсиколошки анализи, овие резултати до денес не се доставени до семејствата ниту се дел од конечните наоди.
- Специфичноста на цијанидот: Водородниот цијанид не се детектира рутински и брзо се метаболизира, што значи дека доколку не се направат специфични и итни испитувања, доказите се губат.
Здружението „16-ти Март 2025“ смета дека обдукциските наоди се нецелосни и најавува можност за правно оспорување на заклучоците. Тие инсистираат на дополнително или независно вештачење за да се утврди дали децата навистина починале од отровни гасови кои не биле соодветно анализирани во телата на жртвите.
„Сѐ додека не се објават резултатите од сите дополнителни анализи, не може со сигурност да се тврди дека причината за смрт е целосно утврдена. Ова е неопходно во интерес на правдата и достоинството на починатите“, стои во соопштението на здружението.