
Бугарија понуди помош во мазут. Македонија одби, па и понуди на Бугарија возвратно: ако вам ви треба мазут, тука сме. Ден по прогласената кризна состојба поради недостиг на мазут во земјава, двете соседни држави утрово комуницираа меѓу себе.
Иако Македонија ќе ги троши државните резерви на мазут за да произведе струја, Владата смета дека во моментов земјава не се наоѓа во ситуација, во која има потреба од ваков тип на помош.
– Утрово беше остварен телефонски разговор меѓу министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и министерот за надворешни работи на Република Бугарија, Георг Георгиев. Министерот Муцунски изрази благодарност за понудената помош, при што нагласи дека во моментов нема потреба од дополнителна поддршка, бидејќи состојбата е стабилна. Воедно, министерот Муцунски истакна дека доколку Република Бугарија има потреба од ваква или слична помош, Република Северна Македонија целосно стои на располагање.
Ова доаѓа откако, постапувајќи по упатствата на бугарскиот премиер Росен Жељазков, министерот за енергетика Жечо Станков ги проверил залихите на мазут и утврдил дека има доволни количини за потребите на Бугарија, по што телефонски и била понудена помош на земјава.
– За време на разговорот, беше нагласено дека обезбедувањето помош е израз на добрососедство и солидарност и има за цел да обезбеди енергетска безбедност и стабилност во регионот.
Од македонската Влада за ТВ24 појаснуваат дека државата не е во фаза на чекање помош од надвор, туку, како што велат, со сите свои расположливи капацитети е во можност да ја одржува состојбата стабилна на полето на енергетиката. Кризата е прогласена поради неможноста мазутот од Грција да стигне во земјава, откако границите беа блокирани од штрајк. Иако овој екстремно загадувачки енергенс е отфрлен во развиените земји, кај нас сè почесто се користи, оти снемуваме јаглен. Дел од експертите се сомневаат во оправданоста да се посегнува по државните резерви, кога грчките земјоделци за новогодишните празници ја кренаа блокадата. Други пак се загрижени за екстремно лошата финансиска состојба на државните електрани.
И додека трае кризата со мазутот, струјата поскапе. Иако поскапувањето е релативно мало, Димовски вели дека според пресметките на трошоците со кој се определува конечната цена, требало да биде уште помало. Според него, најмногу изненадува поскапувањето на евтината струја за 2,5 отсто, кое се очекува да биде најголем удар за џебот на граѓаните.
Бугарија и нуди мазут на Македонија за да ја спаси од кризната состојба