Народниот правобранител како институција во целосна блокада

Вработените со отворено писмо апелираат да се избере новиот Омбудсман.

Со отворено писмо до јавноста, група вработени во институцијата Народен правобранител денеска се обратија за да укажат на драматичната состојба во која се наоѓаат. Откако и по пет месеци не се избра наследник на Насер Зибери на позицијата Омбудсман, тие се во целосна блокада.

И, наместо да се грижат и да алармираат за заштита на човековите слободи и права, во моментов се наоѓаат, практично во безизлезна состојба. Бараат од Собранието да си ја заврши својата обврска и итно да избере Народен правобранител кој ќе ја потпише завршната сметка и ќе обезбеди постоење на институцијата, плати за вработените, кирии, комуналии.

Веќе неколку месеци оваа институција која е еден од темелите на уставниот поредок, доцни со кириите, a доверителите предупредуваат дека повеќе нема да толерираат неплаќање.

„Ние, вработените во Народниот правобранител како и двајцата преостанати заменици на Народниот правобранител, со овој допис и дописот кој ви го доставуваме во прилог, сакаме да ве информираме за безизлезната состојба во која се наоѓа централната институција која треба да биде посветена на заштита на човековите слободи и права, а воедно и механизам за надзор и следење на законитото работење на институциите од јавниот сектор, локалната самоуправа и јавните претпријатија, надлежности кои ни се дадени со Уставот на Република Северна Македонија и Законот за Народниот правобранител. За состојбата во која сме доведени, сметаме дека најповикано е Собранието на Република Северна Македонија, кое од 12.07.2025 година не е во состојба да избере нов Народен правобранител, иако од наша страна повеќепати е алармирано за состојбата во која се наоѓаме“, се вели во соопштението на вработените и на уште двајцата преостанати заменици на Народниот правобранител бидејќи мандатите на другите им се одамна завршени, а Собранието не избира нови заменици.

Последно вакво известување до Собранието е доставено на 11 декември, но вработените велат дека до денешен ден, 23 декември, не се известени дури ни со негативен одговор. Ниту пак е доставена покана за присуство на некој од преостанатите заменици на годишното обраќање на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

„Со овој допис сакаме да ја запознаеме целата македонска и поширока јавност од дипломатските претставништва во државата и странските мисии за состојбата во која се наоѓаат вработените во Народниот правобранител, кои во моментов не можат да остварат многу од своите права од работен однос, а од јануари 2026 година, веројатно нема да земаат ни личен доход, со што ќе престане да се уплаќаат редовните уплати за социјално и здравствено, но и за пензиско осигурување. Поради ова, се запрашуваме дали државата има потреба од ваква институција или не?“, прашуваат вработените.

Единствено претседателот на Собранието Африм Гаши на последниот брифинг со медиумите кажа дека стигнуваат алармантни дописи од оваа многу важна институција за граѓаните, а дека партиите не најдоа за потреба да седнат, да се договорат за кандидат и да изберат Народен правобранител на Македонија, со што и би се деблокирала институцијата.