
Боливија го отвора небото за компании за сателитски интернет, вклучувајќи го и Старлинк
Декретот „ќе им овозможи на технолошките гиганти како Старлинк, Амазон и УанВеб да влезат во Боливија“, рече Паз во објава на платформата X.
Боливискиот претседател Родриго Паз Переира вчера изјави дека оваа јужноамериканска земја ќе се отвори за компании за сателитски интернет, вклучувајќи го и Старлинк на Елон Маск, во обид да се гарантира поврзаност на целата земја, јави ДПА.
Паз, центрист чии избори во октомври ставија крај на речиси дведецениските доминантно левичарски влади, потпиша декрет со кој им се дозволува на меѓународните сателитски компании, вклучувајќи ги Старлинк, Амазон и УанВеб (OneWeb), да работат во земјата.
Декретот „ќе им овозможи на технолошките гиганти како Старлинк, Амазон и УанВеб да влезат во Боливија“, рече Паз во објава на платформата X.
„Ќе гарантираме најсовремена поврзаност за руралните заедници, пограничните области и оддалечените области кои историски биле запоставени“, рече тој, пренесе ДПА .
„Го затвораме дигиталниот јаз: Боливија поврзана со светот, а светот поврзан со Боливија!, додаде тој“
Според Њујорк Тајмс, претходникот на Паз, Луис Арсе, минатата година одби да му даде лиценца за работа на Старлинк, наведувајќи ја како причина загриженоста од доминацијата на оваа компанија во сите земји каде што работи.
Боливија со години се обидува да ги подобри брзините и пристапот до интернет, вклучително и со испраќање на свој комуникациски сателит во вселената пред повеќе од 10 години.
Според бројките од „Статиста“, до 2022 година, нешто повеќе од 73 отсто од населението на Боливија има пристап до интернет, што е зголемување од 39,7 отсто во споредба со претходните пет години, но, сепак, е далеку под регионалниот просек, пренесе ДПА.
Боливија, земја без излез на море со околу 12 милиони жители, е една од најсиромашните нации во Јужна Америка.