По Нова година ќе биде познато дали ќе им се суди и на полицајците осомничени за трагедијата во Кочани

По овој рок Обвинителството ќе се произнесе дали ќе биде поднесено обвинение и за колку од нив.

На почетокот на следната година најверојатно ќе биде познато дали ќе им се суди и на полицајците осомничени за кочанската трагедија. Иако истрагата за нив заврши кон крајот на минатиот месец, сепак сите се уште не го примиле известувањето, а дури потоа ќе им тече рокот од 15 дена да достават докази. По овој рок Обвинителството ќе се произнесе дали ќе биде поднесено обвинение и за колку од нив.

-Осомничените се уште примаат известувања за завршена истрага. Законскиот рок од 15 дена за доставување на докази на одбраната ќе започне да тече откако и последниот ќе го прими известувањето. По истекот на овој рок ќе биде донесена јавнообвинителска одлука, информираат од Обвинителството за гонење на Организиран криминал и корупција.

Под истрага се 26 полициски инспектори, началници и командири кои од 2012 година наваму давале одобрение кочанската дискотека „Пулс“ да добие лиценца за работа од Министерството за економија, соопштија неодамна МВР и Јавното обвинителство. Сите се осомничени за кривичните дела Тешки дела против општата сигурност и Предизвикување општа опасност.

Ова е втора истрага поврзани со трагедијата во ,,Пулс”. За првата веќе во тек е судскиот процес.

Во пожарот во кочанската дискотека, кој избувна на 16 март, загинаа 63 млади, а над 200 беа повредени.

Извор: Фокус