
Собранието не може да му го одземе имунитетот на Јанчев, без барање од надлежните
Откако се појавија барања за одземање на пратеничкиот имунитет на Сашко Јанчев од Левица, кој предизвика сообраќајка во која повредена е млада девојка, Собранието тврди дека такво нешто може да направи по официјално барање на надлежен орган, што досега не се случило
Откако се појавија барања за одземање на пратеничкиот имунитет на Сашко Јанчев од Левица, кој предизвика сообраќајка во која повредена е млада девојка, Собранието тврди дека такво нешто може да направи по официјално барање на надлежен орган, што досега не се случило.
„Согласно Уставот и Деловникот на Собранието, постапка поврзана со евентуално одземање на имунитет на пратеник може да биде иницирана исклучиво врз основа на официјално барање поднесено од надлежен државен орган, и тоа во случаи кога се бара поведување кривична постапка, определување мерка притвор или извршување казна затвор кон пратеник. Собранието не поведува вакви постапки по сопствена иницијатива, ниту пак може да ги иницира врз основа на барања од поединци, организации или медиуми“, соопштија од законодавниот дом.
Дополнително, претседателот на Собранието, Африм Гаши, го проследил доставеното барање до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања и до пратеникот Сашко Јанчев, во согласност со начелата на транспарентност и целосно информирање.
Доколку од надлежните органи биде доставено официјално барање за постапување, Собранието ќе постапи во рамките на утврдените уставни и деловнички обврски.