Четврто издание на „Слоу Фуд Салон 2025“

Во Скопје денеска од 11 до 20 часот ќе се одржи четвртото издание на „Слоу Фуд Салон 2025“.

Под мотото „Заедно со природата“, денеска во Скопје ќе се одржи четвртото издание на „Слоу Фуд Салон 2025“.

Како што најавуваат организаторите, посетителите ќе може да уживаат, истражуваат и дегустираат на Саемот на производи на храна, запознавајќи ги локалните и регионалните производители од целата Македонија кои ја негуваат традицијата и произведуваат добра, чиста и правична храна. На Саемот ќе има и Салон на пијалоци, што е идеална можност да се откријат и вкусат пијалаци произведени со почит кон природата.

-Ќе го истражуваме длабокиот однос помеѓу човекот и природата, инспирирани од мислата на Алберт Ајнштајн: „Погледнете длабоко во природата и тогаш сè ќе разберете подобро“.
Во време кога се оддалечуваме од нашите корени, Слоу Фуд ја покажува патеката кон обновување на врската со природата и еко-системот. Токму затоа овој салон не е само настан, туку повик за промена: премин од трошење на природни ресурси во регенеративна фаза која ја обновува и почитува земјата, водата и сите живи организми, информираат од „Слоу Фуд“.

На Слоу Фуд Арената ќе се одржат три форуми каде ќе се судруваат идеи и ќе се водат отворени разговори кои ја обликуваат нашата врска со природата: Едукација за одржлива иднина, Агроекологија и Слоу Фуд фарми и Слоу Фуд Травел.

Организаторите најавуваат атрактивни мастер класови и дегустации, богатата палета на Миксологијата – локалните пијалаци во нови комбинации, потоа- школо за готвење – новитет каде ќе се изучува природната храна и природните процеси, рецепти за ферментирање и подготовка на храна а вистинска авантура ќе биде да се истражи Павиљонот Маслинкарник…

-Детското катче е специјално подготвено за најмладите, а во него, децата ќе учествуваат во четири креативни работилници кои ќе ги поврзат со природата и храната: „Шепот на природата“, „Природна сложувалка“, „Разговор со природата“ и „Малите чувари на живиот свет“, посочуваат организаторите.

„Слоу Фуд Салонот“ е подржан од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и шведската организација We Effect.