
Министрите за финансии на земјите членки на Еврозоната денеска во Брисел треба да го изберат новиот претседател на Еврогрупата.
Во трка за оваа позиција се белгискиот вицепремиер и министер за буџет и административно поедноставување Винсент Ван Петегем и грчкиот министер за финансии Киријакос Пиеракакис. И двајцата доаѓаат од редовите на партии членки на Европската народна партија (ЕПП) и важат за политичари со конзервативни позиции во однос на фискалните политики.
За нов претседател на Еврогрупата ќе биде избран кандидатот кој ќе добие поддршка на најмалку 11 од вкупно 20-те нејзини членови, за мандат од две и пол години со право на реизбор.
Според дипломатски извори, повеќето „северни“ земји на Еврогрупата, пред сè Холандија и Финска, се наклонети кон Ван Петегем, додека Пиеракакис може да се надева на поддршка од „јужните“ држави, предводени од Шпанија, но и од Естонија и Литванија.
Дипломатите посочуваат дека неизвесноста на овој избор делумно е разлутат и на сличните изборни платформи на кандидатите, кои ветуваат построга буџетска координација, посилна глобална улога за еврото и напори за зајакнување на конкурентноста.
Ван Петегем има најдолг стаж во Еврогрупата меѓу нејзините актуелни членови и важи за благ фаворит, но тешката буџетска ситуација во Белгија и нејзиното противење на планот за користење на замрзнатите руски средства за финансиска поддршка на Украина би можеле да му донесат негативни поени. Од друга страна, „негативна препорака“ за Пиеракакис може да биде историјата на финансиска нестабилност на Грција во претходниот период, иако земјата сега има релативно избалансиран буџет.
Изборот на нов прв човек на Еврогрупата доаѓа откако претходниот претседател Паскал Донахју на 18 октомври поднесе оставка на оваа и на функцијата ирски министер за финансии, со цел да ја преземе должноста управен директор во Светската банка.
Еврогрупата е консултативно тело составено од министрите за финансии од земјите од Еврозоната во чија надлежност се прашања поврзани со европската финансиска и монетарна политика, а нејзиниот претседател се смета за еден од повлијателните функционери во Европа. Претседателот на Еврогрупата се избира од редовите на министрите кои се нејзини членови и тој по изборот ја задржува и министерската функција.
Инаку, покрај изборот на нов претседател, министрите за финансии во рамки на денешниот состанок на Еврогрупата ќе расправаат и за нацрт-буџетските планови на земјите членки Еврозоната и за нејзината буџетска состојба и перспективи, а ќе имаат и размена на мислења со претставници на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за политиките и најновите макроекономски движења во блокот.
Покрај ова, предвидено е и да биде донесена и одлука за започнување на процесот за избор на наследник на потпретседателот на Европската централна банка, Луис де Гиндос, чиј мандат истекува на крајот на мај 2026 година.