„Комунална“ и „Паркови“ ќе ја завршат годината со половина плата
Со половина плата ќе ја завршат годината вработените во јавните претпријатија „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“, затоа што состојбите во нив уште не се консолидирани. Другите јавни претпријатија изминатиов период зеле и по две плати во еден месец, за да се надополнат заостанатите, соопшти градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на денешната седница на Советот на Град Скопје.

Според Ѓорѓиевски, финансиската состојба во дел од јавните претпријатија била лоша, посочувајќи на доцнење на платите и сериозни злоупотреби во трошоците.
„Кога ја презедов функцијата, во одредени претпријатија платите доцнеа по два до три месеци. Состојбите постепено ги нормализираме“, изјави Ѓорѓиевски во одговор на советничко прашање.
Според него, единствено „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“ ќе ја завршат годината со исплатена половина плата, поради тежок финансиски товар наследен од претходното раководство.
„Освен руиниран и девастиран возен парк, имавме енормни и неоправдани трошоци кои слободно можам да ги класифицирам како злоупотреби. Во такви услови, дури ни платите не биле редовно исплаќани“, рече тој.
Како пример за затечената состојба, градоначалникот посочи дека во ЈП „Дрисла“ во изминатите десет години никогаш не биле исплатени две плати истовремено како што било направено сега, додека во ЈСП „Скопје“ кажа дека веќе нема доцнење на исплатите.
„Очекувам во јануари и овие две преостанати претпријатија да бидат целосно стабилизирани. Со тоа, сите јавни претпријатија ќе функционираат со редовна исплата на плати“, додаде Ѓорѓиевски.
За „Комунална хигиена“, Ѓорѓиевски призна дека состојбата со градската чистота не е на задоволително нив сѐ уште, но тоа е така затоа што имало 16 возила за собирање смет, кога тој дошол за градоначалник, а сега се околу 50 во возна состојба. Додаде дека за поправка на тие возила се трошат големи пари, затоа што се застарени и амортизирани. На почетокот на следната година најави набавка на нови 20-тина возила со помош на Светска банка и Владата, а дополнително уште пет возила со буџетски пари од Град Скопје. Со ова, според Ѓорѓиевски, овој проблем би се решил за следните пет години.