Сијарто во Москва: Русија и Унгарија заедно ќе се борат против надворешниот притисок

Русија и Унгарија мора заедно да се спротивстават на надворешниот притисок, изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто по пристигнувањето денес во Москва за да учествува на состанокот на руско-унгарската меѓувладина комисија за економска соработка, објави ТАСС.

Русија и Унгарија мора заедно да се спротивстават на надворешниот притисок, изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто по пристигнувањето денес во Москва за да учествува на состанокот на руско-унгарската меѓувладина комисија за економска соработка, објави ТАСС.

Состаноците на меѓувладината комисија за економска соработка меѓу Русија и Унгарија се одржуваат секоја година, а домаќини се менуваат Москва и Будимпешта. Од руска страна, комисијата ја предводи министерот за здравство Михаил Мурашко.

Сијарто на денешниот состанок во Москва изјави дека Унгарија и Русија се водат од своите национални интереси при донесувањето одлуки.

„Рускиот претседател Владимир Путин и унгарскиот премиер Виктор Орбан разговараа за многу важни прашања за нашата соработка, а тоа им дава нов импулс на нашите односи“, истакна Сијарто. „Треба решително да работиме, да се спротивставиме на притисокот што се врши врз нас. Треба да направиме скок за да ги зголемиме индикаторите за нашата соработка“, додаде унгарскиот министер за надворешни работи.

„Сигурното снабдување со енергетски извори на Унгарија е многу важно за нас“, нагласи тој. „Ова не е политичко или идеолошко прашање, туку прагматично што влијае на нашиот опстанок“, продолжи Сијарто. Премиерот Орбан „потврди и во Вашингтон и тука (во Москва) дека нашата цел е да градиме непречени односи со Русија во областа на енергетиката“, додаде унгарскиот министер за надворешни работи.

Мурашко, од своја страна, на денешниот состанок истакна дека трговската и економската соработка меѓу Русија и Унгарија се развива стабилно, без оглед на санкциите што ги воведе ЕУ. Според него, Унгарија останува сигурен економски партнер на Москва и зазема водечко место меѓу земјите-членки на Европската унија во однос на обемот на трговијата.

„Штом ќе заврши војната (во Украина), светската економија ќе може да се врати во својот нормален тек и ќе се отворат нови, огромни можности во меѓународните трговски односи. Санкциите нема да траат вечно, па затоа мора да бидеме подготвени да заземеме добра почетна позиција во новиот период. Затоа сега одиме во Москва со голема бизнис делегација“, изјави претходно Сијарто на својата Фејсбук страница.

Се очекува Унгарија и Русија да потпишат голем број документи по денешниот состанок.